За да ги добие снимките од видеоконтролата при терористичкиот напад, „Дејли мејл“ му платил 50.000 евра на сопственикот на „Каза ностра“, пренесува дописникот на МИА од Париз.
Оваа информација ја откри телевизиската емисија „Ле пети журнал“ на Канал плус, прикажувајќи репортажа снимена со скриена камера. На снимката се гледа како сопственикот на ресторанот е во преговори со англиските новинари.
Според новинарот кој ја сними репортажата, Џафер Аудиа, преговорите траеле 12 часа. Притоа напомош бил повикан и хакер за да ги најде видеоснимките од контролните камери, кои беа криптирани од француската полиција.
Пазарот склучен меѓу сопственикот на пицеријата и англиските новинари му дозволиле на англискиот таблоид да има ексклузивни видеоснимки. Веднаш потоа хард дискот бил уништен пред нивните очи. Сумата од 50.000 евра била платена во готово.
Минатата недела оваа емисија обелодени дека на англиските новинари им се нуделе видеоснимките од полициската антитерористичка акција во Сен Дени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.