| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на нова книга и изложба на фотографии од Владимир Мартиновски

На 25 ноември во „Концепт 37“ со почеток во 20 часот ќе се одржи промоција на новата книга Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам на Владимир Мартиновски, како и изложба на негови фотографии насловена „Во движење“. Промотор на книгата ќе биде Владимир Јанковски, а на изложбата – Влатко Галевски.

„Мартиновски во манир на искусен компаратист во книгата „Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам“ докажува дека не само што современата литература мора да се храни од дијалогот со книжевната историја, туку и современата теорија на литературата е невозможна ако во својата основа не е отворена, хибридна, комбинаторичка. Се чини дека се ова и главните квалитети во есеите на Мартиновски – тој успева да ги препрочита големите книжевни канони за кои сите по малку веруваме дека знаеме речиси сѐ, додавајќи нешто свое: мала промена на аголот на читање, нова перспектива во однос со некоја современа тенденција, поврзување со некое подоцнежно поетичко начело, на тој начин уште еднаш потврдувајќи ја идејата на Хорхе Луис Борхес дека не само што претходниците влијаат врз оние писатели што доаѓаат по нив туку и современите писатели влијаат на начинот на кој ќе бидат читани нивните претходници. Мартиновски во еден лежерен „борхeсовски манир“, со секогаш присутни, но не премногу наметливи референции, во оваа книга, всушност, ја раскажува приказната за она што Гете го нарекуваше „светска книжевност“ – концепт според кој една литература може да биде жива и актуелна само преку спојот и во креативниот дијалог со другата литература, како дел од големиот културен мозаик“, се вели во рецензијата на книгата објавена со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

„Во движење“ е првата самостојна изложба на панорамски фотографии од Владимир Мартиновски, направени во повеќе градови во светот. Владимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач, фотограф. Работи како вонреден професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Автор е на повеќе поетски збирки, книги со есеи и книжевно-теориски студии, а приредил и неколку антологии, како и неколку зборници научни трудови од областа на книжевноста. Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, Извршниот одбор на Европската мрежа за компаратистички проучувања, Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН-центар. Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за 2009 година (за расказот Бубамара на зрно калинка), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2010 година (за книгата Квартети) и на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика во 2013 година (за книгата Зоон поетикон).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top