| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто Русите бегаат од брегот на Црна Гора

Десетици илјади Руси поседуваат станови на црногорското приморје. Сепак, агентите за продажба на недвижнини последните години бележат пад на интересот на Русија, пишува „Дојче веле“.

Дали за тоа, освен економските има и политички причини?

Не, ваков топол ноември Ана се уште не видела. Џинс, кошула, очила за сонце, потсетуваат на лето, но младата Русинка е најсреќна што по топлиот песок на Словенска плажа може да шета боса.

Нејзиниот мал син дури се капеше, температурата на водата е околу 20 степени. Ана со семејството се доселила во Будва пред четири години. Сега живее меѓу Јадранот и Западниот Сибир.

„Шест месеци сме тука, а шест месеци сме во Новосибирск‟ – вели оваа мајка додека ја ниша лулашката. „Дојдовме поради климата и добрите луѓе. За децата е одлично, има многу забава за нив‟.
Нејзиното синче сигурно би се согласило.

Земја, станови, апартмани…

Но, ова семејство всушност плива против струјата на своите сонародници. Интересот на руските државјани за недвижнини на црногорското приморје со години ги полнеше насловните страници, но потоа нагло попушти. Во крајбрежјето добро забележуваат дека бумот помина, но без оглед на тоа над Будва се надвиваат дестина кранови. Никнуваат повеќекатници и хотели, старите згради се рушат за да се изградат нови и поголеми, се засечуваат брдата и се чисти кршот. Во годините во кои тука за естетиката и правилата на изградбата не се мислеше, добро се гледаат: црвени и зелени, стаклени и челични, секакви згради кои немаат врска со медитеранскиот стил, но нудат доволно простор за потенцијалните купувачи. Пред еден трговски центар стои реклама агенција за недвижнини „Камин‟ со натпис: недвижимость – недвижнини.

„Сега имаме руски понуди за продажба на недвижнини. Бараат макар приближни цени за тоа што потрошиле. Искрено се плашам дека тоа ќе ги покачи цените на недвижнините во Црна Гора‟ – вели Душан Ранковиќ, сопственик на агенцијата.

Овој 60 годишен човек со средни мустаци се уште добро се сеќава на златните времиња пред 12 години, кога и ја отворил агенцијата. На врата секојдневно доаѓале Руси барајќи се и сешто: плацеви со стари куќи, станови, апартмани, бунгалови…

„Ми зборуваа дека вакво море не постои во Европа. И ми зборуваа за пријателски народ. Со нас едноставно полесно наоѓаат заеднички јазик отколку со некои други. Цената на квадрат во Будва беше повеќе од 10.000 евра, локалците кои имаа што да продадат трлаа раце. Најмногу купувачи од Русија купуваа по цени до 150.000 евра. Тоа беше доволно за двособен стан‟ – вели Ранковиќ.

Медиумите секако често пишуваа за олигарсите кои градат хотели, а во текот на зимата ги оставаат јахтите на пристаништата и трошат илјадници евра во луксузните казина. Се лицитираше со разни имиња, сѐ до Роман Абрамович. Но, ако воопшто може да се зборува за просек, просечен купувач од Русија припаѓа на повисоката средна класа, смета економската аналитичарка Ана Нивес-Радовиќ.

„Тие тогаш дојдоа до пари кои можеа да ги трошат во странство. Тоа се луѓе кои до вчера ги немале тие пари. Најмногу од нив купуваа обични станови, па во нив летуваа и нивните пријатели‟. Или становите ги издаваа во тек на период кога самите не ги користат. На тоа ги упатуваше и законот кој важеше до скоро, според него поседувањето на недвижнина не донесуваше никакви привилегии. Туристите смееја да престојуваат во Црна Гора најмногу три месеци без прекин.

„Се чувствуваат добредојдено‟

Едно здружение од руската дијаспора тврди дека Русите се уште поседуваат 70.000 недвижнини во Црна Гора. Дали тој податок е точен не знае дури ни Предраг Јелушиќ, државен секретар во Мин. за туризам во Подгорица. Тој упатува на Управата за недвижнини, која пак ги игнорира прашањата. Но, Јелушиќ добро знае дека рускиот пазар е далеку поважен за црногорската туристичка бранша. Во првите девет месеци оваа година регистрирани се 320.000 туристи од Русија, многу повеќе од посетителите од некои западни земји кои Црна Гора се обидува да ги привлече. Како туристи се водат и тие кои купуваа недвижнини.

„Русите се чувствуваа добродојдени, што е нормално со оглед на историските околности. Втора причина е што Црна Гора има убави плажи со креативни локации кои се се подостапни во два часа возење‟.

Туризмот донесува околу четвртина од црногорскиот БДП а и со тоа е и најважна бранша за 620.000 жители. Од продажбата на приватните недвижнини кои подоцна се издаваат корист има и буџетската каса, но пред се граѓаните на Црна Гора кои од недвижнините добро заработуваа. А година или две пред референдумот на кој беше одлучено за независност на Црна Гора на властите во Подгорица не пречеше некој да ги растовари од решавањето на егзистенцијалното прашање на граѓаните, се присетува Нивес-Радовиќ.

„Црна Гора го отвори својот пазар за каков било капитал, без оглед на последиците. Секој својот приватен недвижен имот можеше да го продаде на кого било, а државата не се мешаше‟. Додава дека, за разлика од на пример Хрватска, Црна Гора дозволуваше и продажба на земјиште на странци.

Сепак, нереално беше да се очекува дека руската јагма за станови и куќи во Црна Гора ќе потрае вечно.

Исто така, ефекти сѐ уште се покажуваат со иницијативата на Владимир Путин кој пред две години ги повика руските државјани да ја продаваат недвижнината во странство и да ги инвестираат парите дома.

Генерално не го сакаат НАТО

Се поставува прашањето дали за намалениот интерес на руските државјани освен економските причини постојат и политички. Имено, не е тајна дека Подгорица чекори по пат на т.н. евроатлански интеграции. До крајот на годината се очекува покана за членство на НАТО, додека приклучувањето на Црна Гора на санкциите против Русија се толкуваат како раскинување на традиционално добрите односи.

„Некои велат дека односите не се како што беа‟ – вели агентот за недвижнини Ранковиќ. „Знаете, Русите генерално не го сакаат НАТО‟.

Крсто Никлановиќ неволно зборува за политиката. Тој е крупен човек кој седи во својот познат ресторан на Јадранот. На маса има изданија од магазини за руската дијаспора во Црна Гора, на насловна страна е познатиот Александар Салдостанов наречен Хирург – предводник на бајкерската група „Ноќни волци‟.

„Да, го познавам‟ – вели Никлановиќ и самиот љубител на мотори. Неодамна руските пријатели малку се налутиле кога Никлановиќ се појавил во спот со кој го промовира членството на НАТО. Овој угостител немал ни поима дека неговата снимка ќе биде употребена за таа цели и по интервенцијата бил избришан од спотот.

„Јас не го прашувам гостинот дали е за НАТО, во која партија е или која националност е. Таква ми е работата‟. Тој смета дека Црна Гора треба само да ги гледа своите економски и туристички интереси: „Како во она минато време во Југославија, малку на една банда, малку на друга, малку неврзани, малку наклонети‟.

Русинката Ана ги фаќа последните зраци пред залезот на Сонцето и не мисли многу за геополитичката определба на Црна Гора. Таа и сопругот немаат намера да го продадат својот стан во Будва и да ја напуштат Црна Гора. Нејзините шест месеци тука наскоро завршуваат. Додека го лула синчето на песочното игралиште во мислите сѐ повеќе се подготвува за половина година во Новосибирск. Временската прогноза за руската метропола вели: сончево, минус 15 степени.ѐ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top