| четврток, 6 декември 2018 |

„Веибо груп“ најави нови вработувања

TEKSTILNA_INDUSTRIJA_030513

Интернационалната компанија „Веибо Груп“ најави нови вработувања во Крива Паланка. Компанијата која за само една година стигна до 600 вработени веќе прави нови развојни планови за проширување на бизнис операциите во Македонија, со што ги демантираше тврдењата и обвинувањата од опозициската СДСМ за виртуелни инвестиции со нула работни места, пишува Лидер.

Веибо е текстилен гигант за производство на облека со производствени погони во Кина, Камбоџа, Турција и во Македонија. Пред да го почне својот проект за интегрирана текстилна зона во Ранковце, компанијата се лоцираше во фабрика во Крива Паланка. Производствениот капацитет го прошири со 500 нови машини и од 260 вработени стигна на 600 вработени, а отвори и продавници во земјава. Планот е до крајот на годинава фабриката да брои 800 работници, а до средината на идната година да се достигне бројката од 1000 вработени. Компанијата досега има инвестирано 10 милиони евра. Што се однесува до интегрираниот текстилен центар, од компанијата информираат дека проектот засега е во мирување, бидејќи се уште не може да обезбеди работна сила со соодветните квалификации, на што во моментов се работи со Агенцијата за вработување.

На овој проблем од компанијата укажуваа подолг период. На последниот саем за вработување во Куманово, Кристина Јакимова од „Веибо Гармент“ (фабриката во Крива Паланка) истакна дека освен работници со искуство во текстилниот производствен процес, тие се принудени да бараат и работна сила без искуство, а потоа да организираат обуки во рамки на компанијата.

Од Веибо велат дека во моментов работат на голема нарачка од Зара и оттука е потребата од дополнителен персонал за да ги исполнат предвидените норми.

Текстилците меѓу најбараните на пазарот

Македонија има богата историја на текстилно производство, но бројот на вработени во оваа индустрија се намалува. Ако во 2007-та имало речиси 44 илјади вработени, лани биле околу 38 илјади.

Интернет – страницата на Агенцијата за вработување е преплавена од активни огласи за ангажман на текстилни работници.

Младите не сакаат да се занимаваат со оваа дејност, а свое учество во ваквиот неповолен тренд имаа и газдите кои несоодветно го вреднуваа трудот на работниците. Сега работите се менуваат на подобро, но потребно е време да се вратат работите на вистинското место.

-Ние се трудиме да имаме млади луѓе, да ги дообучуваме и да ги подготвиме за некоја од операциите на машините. Ние во секое време имаме отворено оглас за млади технолози за текстил, вели Драган Стефановски, сопственик на кумановска фабрика за текстил.

Проблемот со недостаток на квалификувана работна сила е детектиран и од Кластерот за текстил. Оттаму сметаат дека е клучно да се стимулираат младите да и се вратат на текстилната индустрија.

-Текстилните фабрики навистина имаат проблем, особено со она што значи шивачки, моделари, односно со она што значи директна работна сила. Состојбата не е сјајна ниту со високо стручниот кадар, но не е толку алармантна како со работниците во директното производство, вели претседателката на Кластерот за текстил, Мирјана Перковска.

Освен со работниците, домашните текстилни компании имаат проблем и со застарената опрема, па оттука и барањата за олеснети услови за финансирање со цел модернизација на производството, што би ја зголемило и конкурентноста на домашните фирми.

Текстилната индустрија е важна за Македонија

Текстилната индустрија во Македонија игра огромна улога во формирањето на БДП, во апсорбирање на работната сила, во делот на извозот. Во првите 7 месеци од 2015 –та година извозот од текстилната индустрија изнесува 357.5 милиони долари, што претставува 13,9% од вкупниот извоз на државава. Наши најголеми партнери се Германија, Холандија, Англија, САД.

Инвестициите во овој сектор полека ја менуваат сликата. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во деветте месеци од годинава, бројот на работници во делот на производство на текстил е зголемен за 17,5 проценти. Во истиот период, производството на текстил забележало позитива од 12,4 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top