| четврток, 6 декември 2018 |

На ИД ѝ требаат борци и ги бара на Балканот!

Islamisti-Giordania-Siria-jihad-salafiti
Стотици борци од Балканот се приклучија на припадниците на самонаречената Исламска држава која се обидува да основа нов фронт на Балканот и да регрутира нови доброволци.
Експертите за екстремизам велат дека дисфункционалната политичка, лоша економска состојба и големата невработеност во БиХ и на Косово ќе создадат совршен терен за регрутирање. Новинарот на „Гласот на Америка“, Џеф Свајкорд, дознава дека историјата на овие држави во тоа има важна улога.

Септември во 1993 година, странските исламски борци, „Муџахедин батаљон“ зазедоа едно село, во централна Босна, во близина на Витез кој беше под контрола на хрватската војска. Муџахедините во селото ги убиваа заробените и ранетите и ги палеа куќите.

Во претходната година, муџахедините, во превод „борци за слобода“, се уште свежи од деветгодишната советско-авганистанска војна, почнаа да доаѓаат во БиХ во „света војна“ џихад, во прогон на неверниците. По нив почнаа да доаѓаат и џихадистите од северна Африка и од Блискиот Исток. Меѓу нив беше и Ајман Деан од Саудиска Арабија.

„Многу муџахедини во Авганистан, кои се бореа за ослободување на земјата и за обнова на Исламската држава се чувствуваа отфрлени поради резултатот на настаните. Затоа, кога почна војната во Босна видоа прилика за канализирање на своите џихадистички амбиции“.

Муџахедините во 1993 година и формално станаа дел од армијата на БиХ, а нивниот број прерасна во 1500. Беа познати по бруталноста, мачењата и бројните злосторства.
„Бев сведок на убиства на српски заробеници. Искрено кажано, сите тие беа борци, припадници на полицијата“, вели Ајман.
Странските исламски борци користеа многу порадикална, поекстремна салафистичка идеологија, поттик на исламското будење меѓу босанските муслимани и ширење на облик на ислам кој исклучува соживот со другите народи во Босна и Херцеговина. Хајрудин Сомун е експерт за исламските прашања од Босна.

„Тие во Босна видоа многу добра прилика да го претстават тој вид на строга религија, круто сфаќање и толкување на исламот“.
Многу муслимански верници во Босна припаѓаат на умерена, европска варијанта на сунитскиот ислам. Вјекослав Вуковиќ е помошник-министер за безбедност, задолжен за прашање за тероризмот во Босна и Херцеговина.

„Тие странски екстремисти, на муслиманите во БиХ им зборуваат дека погрешно се молат, дека не се добри муслимани и дека вистинскиот ислам е само исламот кој тие го проповедаат“.
По крајот на војната, неколку стотици странски борци останаа во Босна. Основаа свои вахабиски т.е. салафистички заедници во руралните, тешко пристапните подрачја. Многу од 200 странски борци од Босна, кои се приклучија на Исламската држава дојдоа токму од тие заедници.

„Босна е само една епизода во долгиот низ на џихадистичките судири кои ќе се шират по муслиманскиот свет, со цел да ги подготват муслиманите за џихад и воспоставување на калифати“, истакна Ајман Деан.
И додека другите не гледаат толку црна иднина, последиците од акциите на припадниците на муџахединските бригади се чувствуваат ширум светот веќе преку 20 години. Еден од нив беше и Халид Шеик Мохамед, организатор на нападите во САД на 11 септември 2001 година. Стотици други беа во Ал Каеда или се бореја во Чеченија или Пакистан. Сега ѝ се приклучија на Исламската држава.

„Гласот на Америка“ – Вашингтон

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top