| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов побара од Тимерманс неодложна помош за решавање на бегалската криза

ива

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Брисел имаше средба со првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, јави дописникот на МИА од Брисел.

Со оглед на тоа што ниту македонскиот претседател, ниту Тимерманс, не дадоа официјални изјави за тоа што се разговарало и кои биле пораките на оваа средба, од Кабинетот на Иванов брифираат дека во фокусот на разговорите биле предизвиците со кои се соочува Република Македонија поради бегалската криза, како и актуелната безбедносна состојба на европскиот контитент.

Според Кабинетот на македонскиот претседател, Иванов информирал дека од почетокот на кризата, македонската држава се потпира единствено на сопствени ресурси, додека помошта од Европската унија изостанува. Па, во таа насока, тој побарал неодложна техничка и финансиска помош за земјата.
Од претседателскиот кабинет информираат дека Иванов констатирал дека Македонија ги сноси последиците од „нефункционален механизам на Унијата и од неспроведување на регистрација во земја-членка на Унијата, што во случајот е Грција.
Република Македонија ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите, посветувајќи сериозно внимание на хуманитарниот аспект и покрај преоптоварените капацитети, посочил претседателот Иванов на средбата, информираат од неговиот Кабинет.
Според брифинзите од средбата, претседателот Иванов побарал враќањето на контролата врз надворешните граници на ЕУ, а посочил и дека е потребна заедничка стратегија на Унијата за координирана меѓународна акција за решавање на проблемот.
‎Тимерманс, пак, според информациите од Кабинетот на македонскиот претседател, истакнал дека има разбирање за предизвиците со кои се соочува Македонија во справувањето со бегалската и мигрантска криза и потенцирал дека ќе се заложи за што е можно побрзо обезбедување помош и поддршка од ЕУ за македонската држава. Притоа, двајцата соговорници се согласиле дека сега е време за акција.
Претседателот Иванов порачал дека е крајно време Република Македонија да ги продолжи интегративните процеси. Во однос на последниот извештај на Еврокомисијата за напредокот на Македонија, претседателот Иванов истакнал дека „очекува сите општествени и политички фактори во земјата максимално да се посветат на надминување на забелешките од извештајот. Како што информираат од неговиот Кабинет, тој изразил очекување дека по изборите во април идната година, Република Македонија конечно ќе  добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес – му порачал Иванов на Тимерманс – информираат од Кабинетот на македонскиот претседател.
Во рамки на неговата дводневна работна посета на Брисел, претседателот Ѓорге Иванов, утре, во седиштето на НАТО во Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top