| четврток, 6 декември 2018 |

Творештвото на Божин Павловски објавено на англиски јазик

Шест романи од истакнатиот македонски писател, Божин Павловски, излегоа од печат на англиски јазик, во издание на „AEA издавачи“ од Мелбурн, финански помогнати од  Литературниот борд на Австралија. Во колекцијата се застапени романите „Вест Ауст“, кој досега е преведен на 17 јазици, „Рогот на љубовта“, „Градинар, Пустина“, „Сонување на Патот“, „Подвижни гробови“ и „Патување со Љубената“.

Во чест на 75-годишнината од раѓањето на авторот, од печат ќе излезат уште шест романи: „Зима во лето“, „Убавицата и Мародерот“, „Црвениот хипокрит“, „Мирисите на Доилката“, „Светлечкиот Поток“ и „Дивина“. Колекцијата од 12 книги ќе биде достапна во печатена и во електронска форма.

Во реализацијата на овој проект учествуваше екипа преведувачи од Австралија и од САД. Уредник на колекцијата е Бредли Досон.

Изданијата се проследени со извадоци од критичките толкувања на: Лисиен Кирзи, Ален Боске, Јан Кефелек, Пјер Гамара, Никита Станеску, Дину Фламанд, Кристијан Гидичели, Жил Коста, Артур Силвестри, Дарие Новачеану, Марин Минку, Миха Мате, Гжегож Латушински, Бернар Пиво и на Ѓакомо Скоти.

Божин Павловски е добитник на национални и на меѓународни признанија, меѓу кои и на Интербалканската награда за литература во Грција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top