| четврток, 6 декември 2018 |

Гостување на египетските поети Мохамад Фарахат и Мохамед Магди во Гевгелија, Радовиш и во Скопје

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со интернационалното движење „100 илјади поети за промена“ реализира гостување на поетите Мохамад Фарахат и Мохамад Магди од Египет во Гевгелија, Радовиш и во Скопје.

Во неделата, во соработка со Дом на култура Гевгелија во познатиот простор на галеријата „Амам“ во Гевгелија беше претставено поетското творештво на Мохамад Фарахат и Мохамад Магди и проследено со поетски рецитали на поети од Гевгелија кои се дел од со интернационалното движење „100 Илјади поети за промена“.

Денеска, 23 ноември 2015 година, во 19 часот во соработка со градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Радовиш, Мохамад Фарахат и Мохамад Магди ќе се претстават и во Радовиш.

Во вторник, 24 ноември, во 20.00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се реализира промоција на зборникот на „100 илјади поети за промена“ во кое се застапени поети од Македонија кои учествуваа на петтото издание на манифестацијата „100 илјади поети за промена“ во Македонија. Специјални гости на настанот се Мохамад Фарахат и Мохамад Магди, кои се претставници на интернационалното движење од Египет.

Мохамад Фарахат е роден 1988 година во Каиро, Египет. Пишува поезија и кратки раскази, избран е за еден од најдобрите 100 арапски автори. Еден од највлијателните претставници на модерната литература од Каро, Египет, организатор на „100 илјади поети“ за промена во Египет.

Пишува за неколку национални весници и списанија за литература. Креатор е на бедаја работилниците за деца за креативно пишување, писател кој создава нов пристап во пишувањето на кратки раскази.

Мохамад Магди Абд Рабо е роден во 1986 година во Каиро, Египет. Дипломирал на Филозофскиот факултет, поет е и автор на три книги поезија. Добитник е на неколку престижни награди во Египет и автор е на една драма.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и за поетите кои се дел од ова движење обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top