| четврток, 6 декември 2018 |

Градот Манбиj клучен за опстанокот на Исламската држава

isisЕдна од клучните територии за опстанок на Исламската држава е градот Манбиj и околината, чиј горен дел опфаќа 100 километри долга линија на границата меѓу Турција и Сирија. Тоа е последната меѓународна граница преку која припадниците на ИД добиваат помош како во оружје така и во луѓе.

Со напад на оваа територија, ИД би изгубила помош од странство и значително би се отежнало враќањето на борците во Европа каде може да изведуваат терористички напади како оној во Париз, пишува британски „Телеграф“.

Со оглед на тоа дека од западната линија на тој реон исламистите се напаѓани од сириската опозиција со помош на западните сили, а од источната страна, од Курдите, јасно е дека со фронтален напад на северната линија ИД би била натерана на повлекување. Таков е барем планот. Турскиот министер за надворешни работи, Феридун Синирлиоглу, изјавил дека Турција заедно со САД конечно ќе ја прекинат контролата на ИД над тој дел од границата меѓу Турција и Сирија.

-Нашите операции ќе продолжат со сѐ поголем интензитет што ќе го видите во следните денови – рекол министерот.

За надгледување на територијата и за разузнавачки информации се користат дроновите на британското воено воздухопловство, додека нападите ги извршуваат американски и турски ловци „Ф-15“ и „Ф-16“.

Претходно, нападите на Манбиj биле оневозможени токму поради противењето на Турција бидејќи тамошната власт не гледа благонаклонето кон можноста курдските борци да заземат дополнителна територија долж нивната граница. Сепак, по нападите во Париз, правилата на игра значително се променети на штета на Исламската држава, пишува „Телеграф“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top