Владата на Кралството Белгија утрово го крена нивото на закана од тероризам на највисокиот Четврти степен во целиот регион Брисел. Ова значи дека заканата од терористички напад е „сериозна и неизбежна“, за разлика од третото ниво на закана по безбедноста што владееше досега, а што значи „можна и веројатна“ закана од тероризам.
Како последици од таа мерка, метростаниците останаа утринава затворени, а канцеларијата на комесарот на регионот Брисел, исто така, порача дека се преземаат мерки на претпазливост, што може да се забележи со огромната присутност на белгиската полиција и војска на улиците на главниот град.
Населбата Порт де Намур во Брисел, која е на стотина метри од Европскиот парламент, од утрово е целосно блокирнаа со силни полициски сили, кои според непотврдени информации, трагаат по шестмина терористи што се забележани како се движат во црни облеки. Поради тоа што Салех Абдеслам, најбараниот терорист кој е единствен жив останат од оние што учествуваа во париските настани, е забележан дека се движи во населбата Моленбек Сен Жан, белгиската полиција и специјалните сили од утринава најавија темелно чистење на оваа населба со цел да го пронајде, во моментов најбараниот терорист во Европа.
Исто така, бегиската полиција порача дека нејзините станици денеска ќе бидат делумно затворени, но населението ќе може да стои пред влезот за да може да добие пристап до полициските служби. Патролите се засилени, како и опремата на истите, а обезбедувањето на полициските станици е зајакнато со митралески гнезда пред истите. Со оглед на конкретните врски меѓу Белгија и драматичните настани од Париз и откритието дека „мозокот“ и најголемиот дел од извршителите на крвавите напади во француската престолнина се од бриселската населба Моленбек Сен Жан, нивото на безбедност во Белгија беше веднаш кренато на трето ниво. Но, новата оценка на ОЦАМ (Координативното тело за анализа на закани), доцна синоќа го зголеми нивото на готовност за можен тероризам на четврто ниво, што е многу сериозно за регионот на Брисел, додека третото ниво продолжува да важи за останатиот дел од земјата.
Исто така, од граѓаните се бара да им олеснуваат на лицата што спроведуваат контрола за безбедноста, да не веруваат и да не шират гласини, туку да ги чекаат официјалните информации од власта и од полициските служби и пораките од Владата. Во минатото, заканата по безбедноста во Белгија е зголемена на четврти степен по нападот на 24 мај 2014 во Еврејскиот музеј во Брисел и истата се однесуваше на сите еврејски институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.