Таа е единствената што успеа да го врати на театарската сцена, макар за една претстава. Некогаш подналутени, но секогаш пријатели, Весна Петрушевска и Игор Џамбазов подготвуваат дуодрама, која ќе ја раскаже нивната заедничка приказна. За да исполни кругот совршена, цврста линија, режијата е во рацете на Тони Михајловски. Очекувањата и од нивна страна и од страната на публиката се огромни, но никој не се сомнева дека ќе ги исполнат. И повеќе од тоа.
Кога се роди идејата да се направи претстава со Џамбазов?
Петрушевска: Предлагам малку да освежиме меморија… Џамбазов ја режираше мојата прва монодрама „Мерлин Монро пак ли“, а неколку години подоцна игравме заедно како партнери во „Црни куклички“. По долг период од неговото паузирање во театарот, заедно одлучивме дека е време да направиме проект кој нешто значи за нас двајца. Знаете како, има периоди во животот кога сакаш преку претстава да кажеш што мислиш, како се чувствуваш, а како што сѐ станува бесмислено овде кај нас, ние мора да чепнеме под површината за да ја најдеме смислата. Идејата за нашиот иден проект е заемната љубов, простувањето и почитта.
Имаше период кога односите со него не ви беа баш најдобри. Вие во едно интервју за „Република“ рековте дека сте му лојална до крај и така ќе остане. Како се случи тој пресврт во односите?
Петрушевска: Кога човек пребродува развод како што помина Игор, после и јас, имате мноштво непотребни информации кои стигнуваат до вас, поголемиот дел од нив се погрешно пренесени. Јас му останав лојална до крај затоа што, навистина, од дното на срцето му посакував најдобро и знаев дека е погрешен сплет на околности, но секој има право да постапи според своите чувства и тоа е легитимно. Вистинскиот човек што повторно нè спои е Мина, која го следеше за време на неговото шоу „Џиш“, и еден ден изрази желба да го види. Преку наша заедничка другарка Ботовача, Мина почна да оди кај него на гости, да свират гитара, да пеат, па после Игор ја покани да играат заедно во шоуто, па имаа исти маички за неговиот концерт, се дружеа барем еднаш неделно. После сѐ е историја… Тоа што му се случи здравствено многу ме погоди затоа што на гнаси кои заслужуваат ништо не им е, но на убави луѓе е како несреќна лотарија. Тогаш ти е јасно дека само неколкумина сме си важни во нашите животи. Не сме само за еден ден, за цел живот сме… Првиот ден кога отидов да го видам, убаво се изнаплакав на паркингот пред „Филип Втори“, кај Жан Митрев. Се сеќавам, му се јавив на Трендафил, Аце, да прашам, па отидов и дремев на паркингот. Во тие моменти се храбрите себеси дека сè ќе биде во ред, а всушност се плашиш од загуба. Се качив горе и го видов, се воздржував, се смеев, а Игор ме тешеше, каква иронија, нели? Следниот пат на барање на Игор дојде и Мина и сè беше полесно, таа му даваше совети за здрав живот.
И покрај сѐ што ни се случи во животот, знаеш, годините си го прават своето, кога сега знаеме дека двајцата заедно имаме 100 години, не можеме да се однесуваме како да имаме по 20 години. Некои работи во животот се простуваат, ама не се забораваат, но мислам дека ние си простивме, но и заборавивме – ова се зборови на Игор за вашиот меѓусебен однос. Му ги простивте и му ги заборавивте работите кои можеби некогаш ве погодиле?
Петрушевска: Ме погоди отсуството на Игор од мојот живот, неговото игнорирање, кое патем и јас го доживеав како најголема шлаканица и ја практикувам, искрено ви ги штеди времето и нервите, ме погоди изгубеното време кое можевме да го поминеме продуктивно, но не ми излегуваше од глава. Постојано беше со мене и се молев за неговото здравје и среќа. Јас со Игор научив да бидам подобра, да имам повеќе трпение, да мислам поинаку… Да простиш е најтешко, да заборавиш исто, но само вистинските пријатели умеат. Јас имам неколку вистински пријатели и сум пресреќна. Еднаш неделно имаме семејна дружба со Игор и таа ни станува традиционална, ни недостасува кога ќе пропуштиме средба, пееме, свириме гитари, се фотографираме, ручаме… Убаво ни е!
Со ваква екипа секој текст ќе привлече внимание
Ние актерите сме како вино кое старее, само да не е отворено, да не скисне
Како дојде Тони Михајловски во триото што подготвува нов проект? Џамбазов најавуваше дека на сцена би се вратил само поради тебе, одеднаш излезе проект со Весна, во кој, на крајот, се вклучи и ти.
Михајловски: Влегов по покана на двајцата. Убава покана. Кој не би сакал да работи со актери како Игор и Весна. Сум работел со двајцата и знам со кого имам работа. Тоа што јас го имав замислено како проект со Џамбазов останува. Тој по долго време се враќа на сцената, тоа е вредно за спомнување, предизвик е и за публиката и за него. Знам по себе, кога човекот ќе направи голема пауза од сцената, собира ново искуство и сака да го испука од себе, премногу акумулира. Верувам дека тоа му се случува и на Игор. Тоа ќе биде некој нов Игор, сигурно низ годините неговите погледи за актерството се променети. Ние актерите сме како вино кое старее, само да не е отворено, да не скисне. За Весна што да кажеме, влегува во оние актерки што оставиле голем багаж зад себе.Весна рече дека вие фраериштата треба да се согласите со текстот од кој ѝ лазат морници.
Михајловски: Како џентлмени ќе ѝ ја исполниме желбата, но ќе пробаме да ја разубедиме.Михајловски како режисер.
Михајловски: Сѐ уште немам магистрирано, заглавив на два испита, но ќе биде и тоа. Со ваква екипа, кој било текст може да се произнесе на сцена и тоа да привлече внимание. Се работи за текст по кој досега се играло претстави, но битно е како ние ќе го склопиме тоа, во кој жанр ќе го претставиме. Порака може да се испрати од секаде, од пошта, на „Фејсбук“, преку СМС, на меил. Театарот е забава. И најстрашните работи треба да ги претставиме на еден поинаков начин, да содржи и позабавен дел.
Џамбазов во едно интервју за „Република“ рече дека ако се врати на сцена, тоа ќе биде по вина на Тони Михајловски. Веќе во следното интервју приказната се промени – По Нова година јас и Весна ќе направиме нешто што никој не го очекува, Тони сега е презафатен. На крај во целата приказна се појави и Тони Михајловски. Како дојде до соработка на ова славно трио?
Петрушевска: Тони Михајловски е на постдипломски студии за режија кај Унковски, и навистина беше презафатен, ја смисливме најдобрата формула, а тоа е Тони да биде режисер на проектот. Сакаме по подолго време да бидеме заедно како тим, и тоа тим кој победува. Знаете како, кога ќе се соберат тројца врвни во својата работа, давате надеж дека постојат убави работи, успешна приказна без инфицирани ткива од страна. Згора на сѐ, многу добро се познаваме, се подбиваме меѓу себе, не се лутиме, но знаеме што сакаме. Тони ќе работи со својот тим, има ли нешто поубаво и покреативно, повозбудливо. Ете, јас едвај чекам.
Публиката очекува многу смеа, интелигентен хумор во кој е пресликана реалноста. Дали тоа е она што ќе ѝ го понудите на публиката по Нова година?
Петрушевска: Секако дека тоа ќе биде претстава со многу хумор, доследна на нашата естетска рецепција, порака која ќе ја разбуди публиката, сѐ уште не го откривам текстот затоа што неделава треба да пресечеме, се мислиме помеѓу два текста, одлуката ќе биде тешка, но вистинска. Морници ме лазат од едниот текст, го сонувам, но фраериштата треба да се согласат. Едвај чекам процес на работа, да ја кажеме нашата заедничка приказна на сцена, непроценливо искуство, тоа останува, ние, сепак, на крајот од денот живееме за аплауз. Сакам овации!
Пишува: Марина Костовска
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 167. број на неделникот „Република“, 13.13.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.