Група активисти, која делува под името „Група 29 Октомври“ поднесе кривична пријава против премиерот Јанез Јанша, во која тврди дека тој поседува непријавен имот во вредност од 200.000 евра. Активистите бараат тој да биде уапсен. Тие ја поднесоа кривичната пријава врз основа на неодамнешниот извештај на антикорупциската комисија.
Борис Гривич, претставник на групата активисти, која го организираше првиот минатогодишен протест во Марибор против владата, изјави дека Јанша не платил данок на пријавениот имот. Според него, премиерот на Словенија се стекнал со овој имот благодарение на корупција, подмитување, незаконско работење и со злоупотреба на службената должност. Гривич додава дека групата активисти инсистира Јанша да биде уапсен поради ризикот дека ќе ѝ пречи на доказната постапка и оти би можел да направи други кривични дела.
– Ако ова го споредиме со стандардите според кои беа апсени млади демонстранти за време на протестот во Марибор, не би требало да биде проблем апсење на Јанша – додава Гривич.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.