
Народна банка ќе ги конфискува сите пари на кои е пишувано, се боени или, пак, на нив има печат – велат од НБРМ.
Портпаролот на СДСМ, кој воедно е и пратеник, адвокатот Петре Шилегов, денеска на својот профил на „Фејсбук“ објави нешто, што, како што самиот си кажа, му текнало – На секоја банкнота од 100 денари што ќе дојде кај луѓето да напишат Збогум Никола и да ја пуштат во промет.

Во коментари по објавеното се појавија 100 денарки и 500 денарки на кои е ставен печат со натпис „Збогум Никола“. Иницијативата на Шилегов е преку уништување на банкноти да се прати политичка порака.
„Република“ побара мислење од Народна банка на РМ – дали намерно оштетување на банкноти е кривично или прекршочно дело.
-Во врска со вашето прашање, би сакале да ве информираме дека во член 26 точка 4 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14 и 153/15), е уредено правото на Народната банка да конфискува без надомест книжни или ковани пари што се сменети во нивниот надворешен изглед, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја – велат од НБРМ.
Во Законот на НБРМ стои дела оштетените пари се повлекуваат или уништуваат без надомест за сопственикот.
Народната банка може да одбие да замени книжни и ковани пари ако нивниот дизајн е оштетен, разобличен или перфориран или ако повеќе од 40 отсто од нивната површина недостасува. Овие книжни и ковани пари се повлекуваат или уништуваат без надоместок за сопственикот, освен ако постои доказ дека деловите што недостасуваат се целосно уништени, па тогаш Народната банка одобрува целосен или делумен надоместок. Народната банка не дава надоместок за книжни или ковани пари што се изгубени, украдени или целосно уништени. А може да конфискува без надоместок книжни или ковани пари чиј надворешен изглед е сменет, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја – пишува во законот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


