| четврток, 6 декември 2018 |

Детето од Хиподром оперирано, во стабилна состојба и надвор од животна опасност

Состојбата на шестгодишното дете, кое вчера мајката го фрли од четврти кат во населбата Хиподром, при што се здоби со повреди на главата, е во стабилна здравствена состојба и не е во животна опасност.

Ова денеска го изјави директорот на Клиниката за неврохирургија, Александар Чапароски, кој рече дека на детето му била извршена интервенција поради крвавење, сега е будно, контактибилно и малку сонливо, меѓутоа во добра состојба. Детето сега е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

– Mораше да се направи операција поради појава на крвавење меѓу коската и обвивката на мозокот. Вчера кога е примено на иницијалното скенирање немаше знаци за крвавење, а попладне се појави ова крвавење и мораше да се реши хирушки. Операцијата помина добро, без проблеми. Детето е во стабилна состојба, да се надеваме дека ќе продолжи така и натаму – рече Чапароски.

Посочи дека нема знаци за повреди на други органи и системи.

– Крвавењето е последица од ударот при падот. Се надеваме дека закрепнувањето ќе биде добро. На двата контролни компјутера нема знаци за оштетување на мозочното ткиво – додаде Чапароски.

Мајката на детето, која откако го фрли детето од терасата на станот на во кој живееле, скокна од четвртиот кат и се здоби со повреди, по што беше хоспитализирана, на КАРИЛ е и е во свесна состојба, контактибилна е и веќе не е приклучена на апарати за дишење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top