Скапата енергија, инфраструктурата, деловната клима, ограничениот пристап до финансии и третманот кон домашните компании се основните причини поради кои македонската индустријата за основни метали е неконкурентна, покажува најновата експертска анализа што беше презентирана денеска во Стопанската комора на Македонија.
Анализата базира на истражување со кое се опфатени 12 компании од челичната индустрија во две специфични години, 2007-ма кога економските перформанси беа најизразени и кризната 2014-та кога металургијата најсилно ја почувствува намалената побарувачка, а автори се д-р Митко Кочовски од „Макстил“ и профeсорот д-р Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“.
Според компаниите чии претставници учествуваа на расправата, покрај ваква стручна анализа, неопходно е и креирање државна стратегија која ќе покаже дали економските политики ја движат земјата во вистинска насока, како и обезбедување политичка поддршка за максимално искористување на потенцијалите во базичните индустрии – челичната, рударството, земјоделството,…
– Индустријата за основни метали е стожер на економијата, нејзин базичен столб, основа за процесите на реструктуирање и реиндустријализација. За да ги реализира инвестициските активности, најбитно е да има лесен и евтин финансиски инпут. Ако направиме споредба со земјите каде што оваа индустрија е застапена, ќе видиме дека тука се најголемите проблеми и оттука неможноста да биде конкурентна на странските пазари. Тамошните компании располагаат со евтини енергенси, лесен пристап до финансиски средства, значително подобра инфраструктура и ниски транспортни трошоци – истакна Лазаров.
Од 2007 до 2014 година, додаде, индустријата за основни метали бележи значително зголемување на транспортните трошоци во структурата на вкупните што ја намалува нејзината продуктивност и конкурентност.
Нагласувајќи дека првпат пред јавноста се нудат сериозни квантификации за ефектите кои оваа индустрија ги генерира и со силни, јасни аргументи може да се зборува за нејзиното вистинско значење, Кочовски укажа на потребата од генерирање производство со додадена вредност.
– Сакаме да разбиеме одредени скепси во политичката јавност со оглед дека нашите системски решенија не наидуваа на целосно оправдување кај официјалните владини претставници, посочи Кочовски. Според потпретседателот на Стопанската комора Минчо Јорданов, мора да се дефинираат стратегиски правци и чекори за решавање на единствениот најважен проблем – отворањето нови работни места, кој покажува дали економските политики кои се водат се правилни.
– Македонските економски политики не отвораат доволен број работни места. Благ поттик за намалување на овој проблем се слободните економски зони, но тоа е се уште далеку од посакуваните ефекти. Затоа, во оваа насока треба да се заложат сите релевантни фактори – посочи Јорданов.
Николајчо Николов од „Бучим“ апелира на неопходноста од што поскоро изготвување државна стратегија за економијата која ќе покаже дали актуелните политики се правилни и ја водат земјата во вистинска насока.
– Анализата е само еден дел од она што можеме да го разгледуваме бидејќи ни недостасува стратегија, државна, економска, од која би можеле да оцениме каде се движиме, дали во вистинскиот правец, дали сме го направиле за државата она што се очекувало, напомена Николов.
Согласно студијата, индустријата за основни метали во 2007 година директно во БДП учествувала со 5,73 отсто, а во 2014-та со 1,36 проценти. Намалување бележи во извозот, од 51.905 милиони денари на 29.766. Компаниите опфатени во анализата, во 2007 година броеле вкупно 6.642 вработени, а во 2014-та вкупно 6.393.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.