По извлекувањето на редните броеви за редоследот на настап на претставниците на детскиот Евросонг, на нашите претставнички Ивона и Магдалена им припадна деветката за настап во сабота, во Софија.
Досега најголемо достигнување на детската евровизија беше 5-то место, но оваа година Ивана и Магдалена се надеваат дека ќе постигнат поголем успех од било кога. Нашите претставнички ќе бидат 9-ти по ред на овој детски, разигран фестивал. Пред нивниот настап својата песна ќе ја испеат претставниците на Русија, а на 10-то место се Белорусија. Фестивалот ќе биде отворен од страна на претставниците на Србија во 20 часот, додека пак Црна Гора ќе го затвори детскиот Евросонг, за потоа да се одржи и гласањето. Нашите претставнички веќе ги шармираа сите присутни во Софија со нивната позитивна енергија и одлична песна.
Покрај Ивона и Магдалена се и танчерките од балетското студио Аква: Ивона, Елена и Бисера. Спојот помеѓу овие 5 девојчиња е одличен, се надополнуваат една со друга и создаваат забавна зона во која што уживаат сите кои го проследуваат настапот. Она што може да се издвои овие денови од Софија, а е поврзано со нашите претставнички е дека “Плетенка” е поздравот со кој сите присутни учесници ги поздравуваат нашите девојчиња.
Вклучете ги вашите телевизори во сабота и сите заедно да навиваме за голема среќа на деветката во Софија. Можеби оваа година токму Ивана и Магдалена ќе си го остварат сонот и ќе го освојат првото место на детскиот Евросонг во Софија 2015 со нивната забавна и интересна песна “плетенка”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.