| четврток, 6 декември 2018 |

„Сѐ ќе биде во ред“ на Вим Вендерс вечерва на програмата на „Синедејс“

Во рамките на „Хотел Синедејс“ европскиот филмски фестивал, публиката меѓу другите филмови ќе може да ужива во „Сѐ ќе биде во ред“ на Вим Вендерс, „Програма“ – филмот посветен на допинг скандалот на посрамениот шампион на „Тур де Франс“, Ленс Армстронг, а на репертоарот е и македонскиот документарен филм „Сложувалка“ кој зборува за смислата на постоењето на хип-хоп културата на нашето поднебје.

Потоа ќе биде одржана и дебата со Вилјам Браун на тема „Сите филмови се еднакви: снимање филм без буџет (и зошто го правам тоа)“, а вечерва е промоцијата на книгата „Филм.мкд“ на Игор Анѓелков.

 

Кино Милениум

20:00 ч.

„СЕ ЌЕ БИДЕ ВО РЕД“

Режија: Вим Вендерс

Последното остварување на Вим Вендерс, „Сѐ ќе биде во ред“ внимателно и точно ја раскажува приказната за вината и потрагата по прошка, и за фактот дека не лечи времето, туку храброста да се соочиме со нештата и да простиме. Посебно самите себеси. Ова е приказна за еден писател, кој по кавгата со девојка му, бесцелно вози, и случајно ќе прегази дете и ќе го убие. Несреќата и последиците од неа оставаат длабоки трауми кај него. Во текот на следните 12 години тој страда, обидувајќи се да пронајде смисла во тоа што се случило и да продолжи со животот, но секој пат кога ќе се погледне во огледалото, тој гледа убиец.

22:00

„ПРОГРАМА“

Режија: Стивен Фреарс

„Програма“ е смела документарна драма, којашто го опфаќа допинг скандалот на посрамениот шампион на „Тур де Франс“, Ленс Армстронг. Филмот е базиран на романот на Дејвид Волш, „Седумте смртни грева“.

Кино Фросина

12:00

„НИЕ, ПОСЛЕДНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ОД ИРАК“

Овој документарен филм, дел од ревијата посветена на темата миграции, е резултат од истражувањето спроведено од професор Дел Ре, кој е и режисер на филмот, во соработка со ЕПОС во периодот од 2013 до 2015 година. Го прикажува животот на христијанската заедницата пред и по нападите на Исламската држава врз нивните заедници што живеат во Ирак во 2014 година, и нуди еден единствен широк поглед за разбирање на проблемот со прогонот на етничките малцинства во Средниот Исток денес.

19:00

„ЖИВОТОТ ПОСЛЕ“

Режија: Магнус фон Хорн

Филмот на холандскиот режисер Фон Хорн е во официјална селекција на фестивалот и е приказна за Јон, поранешен затвореник кој се враќа дома кај татко си и среќен е поради новиот животен почеток. Но околината ниту заборава, ниту му простува за стореното злосторство. Неговото присуство го извлекува најлошото од сите околу него и полека почнува да се создава атмосфера на јавен линч.

Чувствувајќи се напуштено од страна на поранешните пријатели и од луѓето што ги сака, Јон губи надеж и повторно ја чувствува истата агресија поради која претходно заврши во затвор. Немоќен да го остави минатото зад себе, решава да се спротивстави.

21:00

„СЛОЖУВАЛКА“

Режија: Александар Ковиловски

„Сложувалка“ е насловот на македонскиот документарен филм, кој зборува за смислата на постоењето на хип хоп културата на нашето поднебје. Ова не е класичен хип хоп документарец, туку е колаж од ставови, искуства и идеи на личности од македонската хип хоп сцена. Во него не се документира историјата на македонскиот хип хоп, туку се поставуваат прашања и се отвора дискусија за сегашноста на оваа култура, притоа споредувајќи ја со слoжувалките кај кои пристигнувањето до целосната слика е процес којшто бара трпеливост, интелигенција и креативност.

Филмот е реализиран од страна на неформалната организација Хип Хоп Македонија, а во него учество земаа Ицко и ВиЏи (Чиста Околина), Тец (Most Wanted/Ошав Прод.), ДЈ Гоце (САФ), Профо и Човекот Екс (Клан Исток), Против Сите, Хром (графити), Тигаз (ДНС), Тони Зен, Green Out, Пука Козметика, Брус, Слаткаристика, Џоџо (Стрес), Жиле и Вали, Огнен (битбокс), Зад Аголот, Титаниум, Токсиколози, Авторизација, Дивизија

Џебно кино

18:00

„ПРЕМИН“

Филмот „Премин“ е дел од ревијата ирански филмови и е приказна за Шива кој отсекогаш се обидувала да воспостави добар, пристоен живот за себе и својот син, но откако ќе пристигне едно писмо, започнува нова приказна…

20:00

„МАМА РОМА“

Режија: Паоло Пазолини

Филмот на познатиот италијански режисер е приказна за поранешната проститутка Мама Рома која се обидува да започне нов живот продавајќи зеленчук, заедно со својот 16-годишен син Еторе. Кога тој ќе дознае дека мајка му била проститутка, запаѓа во неволји и завршува во затвор..

Придружна програма

12:00 ЏЕБНО КИНО

ПРЕДАВАЊЕ: ВИЛЈАМ БРАУН на тема „Сите филмови се еднакви: снимање

филм без буџет (и зошто го правам тоа)“

Ве каниме на дискусија со Вилијам Браун, виш предавач по филм на Универзитетот Роехемптин во Лондон на тема различните форми снимање филм без или со низок буџет низ светот, со фокус на Кина, Филипините и САД. Браун кој има богато искуство во снимање вакви филмови вели дека „снимањето без буџет, денес, е овозможено од дигиталната технологија пришто таа, заедно со нискиот буџет, често доведуваат до формална иновација што на овој вид снимање му дава жива и значајна форма“. Тој во овие филмови ја гледа иднина на кинематографијата и свет во кој секој од седумте милијарди кино-поети може да процвета.

Вилијам Браун меѓу другите е и автор на Supercinema: Film-Philosophy for the Digital Age (Berghahn, 2013) и на Non-Cinema: Global Digital Filmmaking, Entanglement, Ethics, Multitude (наскоро во издание). Заедно со Дина Јорданова и Лешу Торчин е автор на Moving People, Moving Images: Cinema and Trafficking in the New Europe (St Andrews Film Studies, 2010), а со Дејвид Мартин-Џонс, автор е на Deleuze and Film (Edinburgh University Press, 2012). Има режирано и неколку нискобуџетни или филмови без буџет: En Attendant Godard (2009), Afterimages (2010), Common Ground (2012), China: A User’s Manual (2012), Selfie (2014), The New Hope (2015) и Ur: The End of Civilization in 90 Tableaux (2015).

19:00 МКЦ

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков

„ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков е преглед на македонскиот филм во новиот милениум низ интервјуа со режисерите на филмовите што авторот на книгата ги направи од 2003 до 2014 година, период кога во етерот се емитуваше неговата авторска емисија, филмскиот магазин „Филмополис“. Книгата е надополнета и со осврти и рецензии кон македонските филмови, објавувани во дневни весници и неделници со кои Анѓелков соработувал во споменатиот период.

„ФИЛМ.МКД“ хронолошки ги проследува снимањата и премиерите на речиси сите целовечерни македонски остварувања во овој милениум, низ луцидни интервјуа со авторите, но и со пошироката филмска екипа што учествува во реализација на филмските проекти. Како сведок на истите настани, проследувајќи го низ својатаемисија „Филмополис“ и низ рецензиите објавени во домашните дневни и неделни весници, Анѓелков е еден вид хроничар на филмските настани, и токму преку неговата книга „ФИЛМ.МКД“ тој успева на читателите да им ја пренесе оваа филмска атмосфера и во вид на печатено дело, кое понатаму ќе остане како момент за истражување и потсетување на идните генерации вљубеници во седмата уметност.

Музичка програма

22:30 | МКЦ

DJ Premier (САД)

Вечерта ќе ја отвори хрватскиот ДиЏеј и продуцент и нашиот добар пријател Phat Phillie.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top