| четврток, 6 декември 2018 |

Промовиран етнолошкиот филм „Марков Бунар“ во Куманово

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово,  беше промовиран етнолошкиот филм „Марков Бунар“, проект на НУ Музеј Куманово.

Автор е кустосот од кумановскиот Музеј Валентина Илиевска. Филмот ги следи обичаите и ритуалите на верниците кои се изведуваат при прославата на празникот посветен на евангелистот Свети Марко. Снимен е на осми мај годинава во населбата Проевце, каде што се наоѓа бунарот.

– Заинтересираноста на граѓаните за етнолошкиот филм ни дава поттик уште повеќе да истражуваме и да бележиме со камерата. Се додека имаме вакви информатори кои ја даваат содржината на филмот и оние со кои претходно соработувавме, ќе продолжиме да ја продлабочуваме духовната култура и да градиме специфична културна ризница на нашето поднебје, изјави Илиевска.

Филмот е добитник на „Сребрена плакета“ на Меѓународниот фестивал „Камера 300“ во Битола, во конкуренција на 52 филма од 11 држави.

– Ова е еден од начините на кои Музејот го сочувува нематеријалното, културно наследство, односно духовната култура. Сето она што е духовна култура, преку видео запис останува сочувана и се пренесува на идните генерации, рече директорката на НУ Музеј Куманово Анита Цветановска.

Проектот е поддржан од Министерството за култура, а филмот ќе учествува и на други меѓународни фестивали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top