| четврток, 6 декември 2018 |

„Оваа приказна“ на Алесандро Барико на македонски јазик во издание на „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Оваа приказна“ од Алесандро Барико, еден од омилените италијански писатели во светот. Со ова, „Антолог“ го прави достапен за македонските читатели и третиот од четирите најнови романи на Барико, по „Емаус“ и „Трипати взори“. Преводот е на Лилјана Узуновиќ.

7ff7eccb-c008-4438-8793-1ca30ab076ab

„Оваа приказна“ ја раскажува животната приказна на Ултимо Пари. Тој е момче што ќе остари обидувајќи се да го доведе во ред светот. Има пет години кога ќе го види првиот автомобил, деветнаесет на денот на битката на Кобарид од Првата светска војна, дваесет и пет кога ќе ја запознае љубовта на својот живот и многу повеќе вечерта кога ќе умре, во некое непознато далечно место. Оваа приказна е неговата приказна. Вака накратко гласи описот на романот што во 2011 година ја доби наградата „Фриул Адрија“. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Алесандро Барико (1958) е италијански романсиер, сценарист, пијанист, книжевен и музички критичар, новинар, режисер и есеист. Автор е на единаесет романи. Добитник е на голем број книжевни награди во Франција и во Италија. Неговите дела се преведувани и обожавани во многу средини, меѓу кои исклучително во Македонија.

 

Лилјана Узуновиќ е преведувачка од италијански и виш лектор на Фи­лолошкиот факултет „Блаже Конески“. Магистер е по фран­цуска и италијанска книжевност. Превела на македонски десетина книги од италијански писатели. Добитничка е на награда­та за најдобар превод „Божидар Настев“ (2008). Носител е на орденот витез на Италијанската Република (2009).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top