| четврток, 6 декември 2018 |

Српското „Фиќо“ оди во Америка

Работниците во фабриката Фиат автомобили Србија (ФАС) од денес почнуваат со работа во три смени поради зголемениот обем на работата и извозните планови.

Имено, кон крајот на мај ќе стартува извозот на моделот „фиат 500Л“ на американскиот пазар.
„Извозот на 3.000 автомобили ’фиат 500Л‘ кон крајот на мај со брод ќе тргне за САД, каде што ќе стигне за месец и половина до два месеци“, изјави за Танјуг портпаролот на ФАС, Александра Ранковиќ, и потсети дека извозот во Велика Британија почнал кон средината на минатиот месец. Таа додаде и дека „фиат 500Л“ веќе се извезува во Италија, Франција, Шпанија, Германија, Унгарија, како и во земјите од поранешна Југославија.

Поради зголемувањето на обемот на работа, но и поради годинешните планови за извоз, ФАС денес соопшти дека воведува трета смена за работниците во погоните Пресување, Каросерија и Лакирница, додека од 22 април ќе биде воведена и во погонот Монтажа.

Во соопштението се прецизира дека од денес работниците ќе работат пет денови во неделата, во три смени од по осум часа, наместо досегашното работење во две смени од по десет часа дневно од понеделник до четврток.

„Овие новини следеа по успешниот пласман и побарувачката за автомобилите од ФАС, но и доброто планирање и воведување производствени процеси“, оценува генералниот директор на ФАС, Антонио Чезаре Ферара.

Во ФАС засега има вработено околу 2.500 работници, а со воведувањето трета смена бројот на вработените ќе се зголеми на околу 3.000 работници, најавуваат од фабриката, чијшто план е оваа година во Крагуевац да се произведат меѓу 110.000  и 150.000 автомобили.

Ферара неодамна изјави дека почнало производството на автомобилите прилагодени за стандардите на американскиот пазар, прецизирајќи дека за САД се прават две верзии на моделот „фиат 500Л“- со мануелен и со автоматски менувач.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top