Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Истанбул по предавањето на Правниот факултет на Инстанбулскиот универзитет на тема “Процесот на зачленување во ЕУ, од перспектива на демократијата на човековите права“, истакна дека единствено нешто што Македонија сега го заслужува е датум за почеток на преговори. Единствено нешто што Европската унија што треба да го стори е да ни го даде тој датум што ни припаѓа, кој е одработен и заслужен.
Според Иванов ЕУ тоа треба да го стори за да може кредибилитетот на европските интеграции да добие на тежина и за да можат сите европски стандарди и принципи да важат и за македонските граѓани.
“Постојано ја повторувам таа мисла дека ако во Европа се уморни од проширување, ние на Балканот сме уморни од чекање“, истакна претседателот Иванов, додавајќи дека тоа е одговорност и на Брисел и на сите што се вклучени во овој процес.
Обракајќи се пред магистранти и докторанти на Универзитетот во Истанбул, Иванов рече дека европскиот континент е обединет, останува сега Балканот и Турција да се интегрираат.
“Сите треба да се прилагодуваат кон европското право“, рече претседателот Иванов додавајќи дека процесот на проширување е различен за секоја земја и се усложнува со барање за исполнување дополнителни критериуми.
Одговарајќи на прашање за евроинтеграцискиот процес на Македонија, Иванов рече дека земјата се наоѓа во состојба на статус кво.
“Се додека одредени постари членки ја злоупотребуваат својата позиција во Унијата, тоа се смета за уцена. Ние сме уценети“, истакна претседателот.
Со предавањето на Универзитетот, Иванов ја започна тридневната посета на Истанбул каде што ќе учествува на 16-тиот Евроазиски економски самит во организација на Фондацијата Мармара.
Според програмата, претседателот Иванов утре ќе има поздравно обраќање на отворањето на Самитот на тема “Закани и можности во Евроазија“, а ќе се обрати и на сесијата на претседателите на тема „Униполарен свет или мултиполарен свет“, предвидена за четврток.
На Самитот Мармара најавено е присуството на претставници од 42 земји во светот, меѓу кои петмина претседатели на држави, четворица претседатели на парламенти, еден премиер, осум поранешни претседатели на држави, дваесет и двајца министри и други видни личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедницата.
Ова е четврто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, кој секоја година се организира од 1998.
Во рамки на самитот во Истанбул ќе се одржи и дамска сесија насловена „Искуството на жените во процесот на модернизацијата“, на која ќе учествува и сопругата на Претседателот, Маја Иванова. Обраќања на оваа сесија ќе имаат и претседателката на Косово Атифете Јахјага, претседателката на Парламентот на Албанија Џозефина Топали, принцезата Маргарита од Романија, како и првата дама на Албанија Одета Нишани.
Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.