Kомплетно се завршени сите предвидени градежни работи за обнова на Железничката станица во Скопје, а наскоро следува втората фаза, односно опремувањето на станицата со информативни табли и обезбедување видеонадзор, пренесува Дневник.
Според помошник-директорот во „Македонски железници – Инфраструктура“, Петар Спасовски, во текот на овој месец треба да се направи технички прием на првата фаза од обновата на железничката станица, како и да се предаде документацијата, а ќе се изврши и обука за нејзиното понатамошно одржување.
Избраната фирма ќе има задача да постави 60 видео камери на виталните места според проектот, односно да ја покрие железничката станица со видеонадзор и да постави информативни табли – една поголема на главниот влез, една помала на вториот спореден влез од страната на населбата Аеродром, како и на мезанинот.
Фирмата ќе треба да постави информативни табли и на секој перон за да можат патниците да се информираат кој воз за каде оди, кога ќе пристигне, дали доцни итн. Освен тоа, ќе треба да постави и разгласен систем за да можат патниците сето тоа да го чујат.
– Очекуваме дека Железничката станица во пролетта 2016 година со овие финеси ќе биде комплетно готова – најави Спасовски.
Инаку, градежните активности на Железничката станица почнаа лани во мај.
– Обновени се тоалетите на источната и на западна страна, поставени се два лифта, кои ќе ги превезуваат патниците од приземјето до пероните горе, како и лифтовска платформа до мезанинот и до првиот колосек. За 20 сантиметри се подигнати трите платформи за влез на патниците во воз. Поставени се нова електрична инсталација, соларни панели за енергетска ефикасност, спуштени тавани во службените простории и во билетарницата, ново осветление. Освен тоа, на платформите се поставени гранитни плочки, уредени се чекалните, сервер-собата, а монтирани се и два ескалатора. Во Железничката станица има и нова противпожарна централа и дактилни патеки за слепи лица – информира Невзат Мамути, советник за односи со јавноста во „МЖ-Инфраструктура“.
Помошник-директорот Спасовски потенцира дека за неколку дена ќе бидат поставени два автомата за купување билети.
-Тие се набавени, само треба да се постави софтверот. Билетите за железничкиот превоз ќе можат да се купуваат и со пари и со картички – објасни Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.