| четврток, 6 декември 2018 |

Вишеградската група бара ЕУ да најде начин да преговара со Македонија

Земјите од Вишеградската група  – Чешка, Полска, Словачка и Унгарија остануваат поддржувачи на проширувањето на ЕУ, при што во контекст на пристапувањето на Македонија сметаат оти е неопходно да се најде начин за водење на преговори со земјава, но со проценка дека таа сега треба да се фокусира на надминување на политичките проблеми. Ова е дел од она за што денеска во Прага разговарале министрите од земјите од Вишеградката група, Западниот Балкан, но и Словенија, Хрватска, Велика Британија, како и висок претставник на Европската комисија. Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, во тој контекст за Алфа изјави дека за тоа да биде успешно земјава треба да се фокусира на реформите со што ќе се постигне состојба во која другите ќе немаат изговор за блокирање на Македонија.

„За тоа да биде успешно потребно е да ги отстраниме внатрешните пречки, преку надминување на проблемите поврзани со политичкиот дијалог“, вели Попоски.

На конференцијата се разговарало и за мигрантската криза, за што било укажано дека најголемиот проблем за регионов е непостоење на усогласено решение. Притоа земјите од западнобалканската рута побарале поголема поддршка од Унијата, оти актуелните методи не го решаваат проблемот и тој само се префрла од една на друга граница.

„За нас најголем ризик  е од затворање на границите од север, а Грција да не може да го ограничи влезот на нејзина територија, што пости ризик Македонија и Србија да се најдат во ситуација да се враќаат мигранти од север, а дополнително би влегувале од југ. Оваа ситуација би сакале да ја избегнеме“, констатира Попоски.

Попоски притоа информира дека е подобрена комуникацијата меѓу полициските станици во пограничниот дел меѓу Македонија и Грција, со што се избегнуваат поголеми проблеми околу мигрантите кои се случуваа порано, но оти е потребно таа комуникација да се надгради на повисоко ниво.

Во контекст на решавање на мигрантската криза се бара Унијата да се фокусира на своите надворешни граници, бидејќи без тоа, како што изјави Попоски, проблемот не може да се реши ниту на среден рок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top