| четврток, 6 декември 2018 |

Родители до градинката: Ве молам не го маргинализирајте моето дете и сите деца слични на него

Дете со посебни потреби било ставено во посебна соба за време на театарска претстава. Психологот од градинка решил да го направи тоа затоа што кога почнала претставата детето од радост почнало да вика.

Детето театарската претстава ја гледало стоејќи, од друга просторија, а не заедно со другарчињата од градинката, под образложение дека ја нарушувало тишината.

По тој повод, го презедовме и го објавуваме писмото кое го напишале родителите на детето, а кое се споделува на социјалните мрежи.

„До
Психологот на градинката

Почитувана,

Ние родителите на Xxxxx кој ја посетува вашата градинка во објектот „Xxxxx“, решивме да Ви се обратиме во писмена форма за да не Ви одземаме од Вашето време, а по повод вашата одлука да го сместите нашето дете во занимална за време на театарската претстава.

Најпрво да Ви заблагодариме што со љубов го прифативте нашето дете и Вие и неговите учителки. Но, сакаме да искажеме, не револт, ниту лутина, туку само тага, што за време на претставата сте одлучиле да го изолирате Ххххх во занимална, посебно од другите деца кои присуствувале на претставата. Со таквата постапка, сакаме да забележиме дека сте извршиле дискриминација на дете со посебни потреби. Законот во нашата држава дозволува инклузија на деца со посебни потреби во градинки и во редовна настава, но, не предвидува исклучување на детето за време на настава или некоја друга наставна активност. Вашето образложение беше дека ја ‘нарушувал тишината’. За жал, ваквите деца се повеќе ќе ги има на број и ќе ја нарушуваат тишината во нашите домови и нашите институции. Но, тоа нам не ни дава право да ги изолираме во друга соба во нашиот дом, или во занимална за време на театарска претстава. Xxxxx навистина вика гласно и тоа е непријатно за околината, но тоа е негов начин на експресија на емоција, на радост и замена за говор, бидејќи знаете дека е сеуште невербален и на ниво на ехолалиа. Неговите браќа и сестра дома, како и другарчињата во градинка мора да живеат со гласното викање и да научат да го толерираат. Тоа нема да им нанесе штета, туку напротив и тие ќе научат да толерираат, да прифаќаат и да го третираат неговото викање како нормално.

За Ххххх претставата не е само претстава, туку реалност, затоа е добро на крај на претставата да му дозволите да ги изгушка актерите, да им се израдува, за да се отвори кон светот и да излезе од неговиот свет.

Пред три години, кога беше дијагностициран со „аутистичен синдром“, Ххххх воопшто не реагираше на името, ниту на било каков говор, дури и престана да ја разликува сопствената мајка од останатите непознати луѓе. Не ја знаеше функцијата на играчките, не ги забележуваше децата околу него. Постојано вриштеше од болки и не спиеше ноќе точно четири години и пет месеци. Таа претстава за него е терапија преку која тој оздравува. Има држави во светот, кои на децата со ретки болести им организираат концерти посебно за нив, од пејачи што лично тие деца ги обожуваат.

Затоа од се срце Ве молам, заради сите деца со посебни потреби, следната претстава не го маргинализирајте моето дете и сите деца слични на него. Ние како родители ја прифативме болеста како дар, а не како казна, бидејќи не научи да бидеме потрпеливи, подобри и не зближи со многу луѓе, меѓу кои и Вие како психолог на Ххххх. Свесни сме дека сакате да помогнете, затоа и Ве замолуваме почесто да го посетувате додека е во градинка и заедно со неговите учителки да инсистирате да црта, бои, работи со пластелин, бидејќи тој тоа го работи по седум часа неделно со дефектолози.

Ланската година Ххххх учествуваше во завршната претстава во градинката „Мајски цвет“-Тафталиџе. На кратко стоеше во полукруг со останатите деца и играше со рачињата, но повеќето од времето се движеше на сцената. Кога учителката му ја даде дипломата, родителите го наградија со најсилен аплауз. На сите театарски претстави присуствуваше, на првата дури и плачеше, а на останатите седеше и мирно ги гледаше и никогаш не го отстранија.

Се надеваме на добра соработка со Вас, како и до сега.“

Со почит и благодарност,
Лидија и Златко Димески

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top