Целосно обновениот Стар амам во Тетово кој потекнува од 15 век, го врати својот сјај и автентичност. Министерката за култура на Македонија Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на Република Турција во Македонија Омур Шолендил присуствуваа на свеченото отворање на целосно обновениот Стар амам во Тетово.
Министерката Канческа-Милевска посочи дека обновата на овој значаен културно-историски споменик од османлиската култура е изведена во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА и оти тоа е дел од програмата на Владата во рамките на заложбите за соодветна заштита и презентација на богатото културно наследство што го поседува Република Македонија.
Затоа, додаде таа, можеме да кажеме дека Стариот амам во Тетово, кој потекнува од 15 век, го врати својот сјај и автентичност и уште многу години тој ќе биде доказ дека Република Македонија ја живее својата сегашност врз темелите на богатото минато, врз културните и историските традиции кои се потврда за разноликоста на нашата култура.
– Денеска пред јавноста го презентираме комплетно реконструираниот Стар амам во Тетово, кој е еден од најрепрезентативните архитектонски примероци на османлиската култура во нашата земја, сведоштво за традициите во изведбата на профаните објекти од доцносредновековната епоха. Овој споменик на културата, кој се вбројува меѓу најдревните зданија на културното наследство на Тетово и околниот регион, е своевиден пункт на старите културни традиции од османлискиот период, кој го оживува времето на социјалниот и економскиот процут на Тетово со впечатливоста на својата визуелна естетика, со разиграноста на просторните волумени, како и со неговото културолошко значење за жителите на градот – рече министерката за култура.
Амбасадорот Шолендил посочи дека тетовскиот амам претставува значаен културно-историски споменик што е белег на културата и историјата заедничка за двете земји.
– Македонија и Турција се братски и пријателски земји и тоа ќе трае и во иднина бидејќи сме поврзани со многу моќни меѓусебни врски и обновата на овој културно-историски споменик е уште еден показател во таа насока – рече амбасадорот Шолендил.
Во своето обраќање пред присутните, државниот сектретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби рече дека Амамот е дел од поголемиот културно-историски комплекс во Тетово што ги опфаќа и Шарената џамија, конаците и поранешниот мост и хан за кој ќе биде побарано да биде ставен под заштита на УНЕСКО.
Во рамките на свеченоста, пред присутните зборуваа и градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи и заменик-директорот на Турската меѓународна агенција за соработка и развој ТИКА Али Маскан. По завршувањето на реставрациските работи во Амамот во Тетово, што сега е адаптиран како уметничка галерија, беше организирана изложба со тема „Придонесот на ТИКА врз културното наследство во Македонија” на која беа претставени реставрациските проекти извршени од страна на ТИКА во соработка со Министерството за култура на Република Македонија.
Во рамките на изложбата беа претставени тетовскиот Амам, Мустафа-пашина џамија – Скопје, Исхакије џамија – Битола, Раданја Махмут-ага џамија – Штип, Мустафа Ќебир Челеби џамија – Струга, Халвети Хајати Чуллу Баба теќе – Кичево, Зејнел Абидин-паша џамија-Пир Мехмет Хајати Хазретлери Халвети теќе – Охрид, Синанудин Јусуф Челеби турбе – Охрид, Воска амам – Охрид и Спомен-куќата на таткото на Мустафа Кемал Ататурк во Коџаџик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст