Европа не се соочува со бегалска криза, туку со масовна миграција, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на Конференција за иднината на ЕУ, која денеска и утре се одржува во Прага.
Десетици делегати од европските институции и земјите-членки на ЕУ, на Прашкиот европски самит (ПЕС), разговараат за идната насока на ЕУ и миграциската криза во ЕУ, ситуацијата во Украина, борбата против исламската држава (ИД) и проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, јави дописникот на МИА.
– Трудењето за политичка коректност и лицемерност, не спречува да признаеме дека ова не е бегалската криза, туку масовна миграција, рече шефот на унгарската дипломатија.
Тој додаде дека на југот на Европа – на Блискиот Исток и Северна Африка сега има 45 милиони луѓе кои потенцијално би можеле да се преселат во Европа заради конфликтот или политичката ситуација.
На денешниот Самит, меѓу другото се разговара и за зголемување на влијанието на централноевропските земји за реформите на институциите на ЕУ.
Сијарто, по тоа прашање, рече дека за да постои силна ЕУ, потребна е силна Вишеградска група (В4).
Земјите на В4 (Унгарија, Словачка, Полска и Чешка), утре на состанокот со министрите за надворешни работи ќе разговараат за миграцијата.
Самитот вечерва требаше да го отвори потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, но се очекува тој да настапи утре поради неговото итно заминување на Самитот на ЕУ-Африка на Малта, каде исто така се разговара за миграцијата.
На денешниот прв панел се разговараше за подготвеноста на ЕУ институциите за кризната ситуација со бегалците.
Утре, на програмата е ситуацијата на Украина, вклучително и ревизијата на заедничкиот настап на ЕУ по тоа прашање и дискусијата за тоа како Унијата може да помогне во борбата против Исламската држава (ИД) и како да спречи формирање на други терористички организации во дестабилизираните земји на Блискиот исток и Африка.
Ќе се разговара и за рестартирањето на процесот на проширување на ЕУ за земјите на Западниот Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.