Народната банка на Република Македонија ја ревидира стапката на раст на БДП за годинава од 4,1 на 3,2 проценти. И покрај надолната ревизија на растот, Народната банка и понатаму очекува солидно закрепнување на економијата.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов денеска на прес-конференција истакна дека надолната ревизија произлегува од двата шока од политички аспект, како и полошите изгледи за надворешното окружување и повисоката неизвесност во домашната економија.
– Оваа година под влијание на двата шока и отпорот што го покажа економијата очекува да заврши со раст од 3,2 проценти, како и лани. Но и натаму се очекува солидно закрепнување на економијата со стапки на раст од 3,5 проценти во 2016 и 4 проценти во 2017 година – рече Богов.
Тој потенцира дека кај сите компоненти од БДП е остварен раст година, но оти тој е понизок од она што се очекувало со априлската проекција.
Главни двигатели на растот, како што рече Богов, ќе бидат инвестициите, извозот, а дополнителен придонес ќе има и приватната потрошувачка.
НБРМ, како што соопшти Богов, има и надолна корекција на проекцијата на инфлацијата која се проценува за годинава на околу нула проценти, а се очекува забрзување во наредните две години. За 2016 година се очекува инфлација од 1,5 проценти, а во 2017 година стапка од 1,6 отсто во услови на раст на цените на храната, енергијата и на странската ефективна инфлација.
Богов истакна дека има поволни движења на тековната сметка на билансот на плаќања каде дефицитот е 0,5 проценти кој, како што рече, е најнизок во последните 10 години и очекува во тие рамки да се одржува и во наредните две години. Најголем придонес, според него, имаат новите извозни капацитети, цената на нафтата.
Кај трговската размена истакна дека има постепено засилување на растот на извозот на стоки од 4,9 проценти годинава, 5,9 догодина и 9,2 проценти во 2017 година. Очекува новите извозни капацитети и натаму да се двигатели на растот, закрепнување на извозот на традиционалниот извозен сектор во 2016 година и постепено закрепнување на странската побарувачка.
За банкарскиот сектор посочи дека и натаму е стабилен, ликвиден и високо капитализиран. Кредитниот раст, според Богов, е солиден и се проценува на 7,7 проценти и се очекува да се задржи ваквото ниво и во наредните две години. Депозитите, како што рече Богов, имаат раст на околу 4 проценти под влијание на неизвесноста и политичките ризици, а за следните години очекува забрзување на растот и достигнување до 6,8, односно 9,1 отсто. Нефункционалните кредити се на ниво од 11-12 проценти, при што 60 отсто од нив се резервирани кај банките.
Укажа на повисокиот раст на потрошувачките кредити, што според него може да претставува ризик во иднина. За таа цел, како што информира, НБРМ ја разгледува ситуација и може да излезе со мерки со кои ќе ги упати банките да ги насочат своите средства кон претпријатијата и кон станбени кредити. Мерките, додаде Богов, би стартувале од наредната година, а до банките веќе е пратена порака од пред две недели.
– Мерките што ќе ги преземе централната банка ќе бидат насочени да ги стимулираат банките средствата да ги насочат кон другите сегменти, односно кон претпријатијата и станбените кредити – рече Богов и додаде дека кредитите кај домаќинствата имаат раст од 12,8 отсто, а кај компаниите за 5,5 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.