Со доаѓање на зимата се актуализираат болестите како астма, бронхитис, бронхопневмонија. Според некои статистики, дури 870 илјади граѓани во Македонија боледуваат од респираторни болести, а секое трето дете во Македонија има алергија. Во Отешево веќе 35 години постои Завод за превенција и лекување на респираторни заболувања каде што се лечат најтешките случаи. Кај нас може да се лекува секој респираторен болен кој веќе имал хоспитализација или некоја компликација и да дојде на продолжено болничко лекување во Отешево, вели д-р Даринка Мицевска, директорка на Заводот.
Според некои статистики, дури 870 илјади граѓани боледуваат од респираторни болести. Од нив 22 отсто или речиси 200 илјади имаат болести на долните дишни патишта? Како ја коментирате оваа бројка?
МИЦЕВСКА: Бројката е реална, дури може да е и поголема. Но, оваа бројка е многу висока не само кај нас,туку и на светско ниво и се должи на загадувањето на животната средина, на загадувањето на воздухот. Болестите на долните дишни патишта посебно се манифестираат во овој период, кога почнуваат респираторните инфекции. Настинките може да се искомплицираат и да предизвикаат воспаление на долните дишни патишта. Респираторниот систем е отворен, најприемчив за контакт со надворешната средина, за да влезат патогените организми. Човекот на може без дишење. Затоа отвореноста на респираторниот систем кон инфекции е многу голема. Најмалку два-трипати годишно возрасен човек добива настинка, а децата дури и до десет пати, така што овие бројки воопшто не се чудни. Со статистиката од „Мој термин“ може да се види точниот број на акутни и на хронично болни.
Кои се најчестите болести на долните дишни патишта?
МИЦЕВСКА: Горнореспираторните инфекции се поблаги и тие го опфаќаат носот, синусите, увото, ларинксот. Во долнореспираторните инфекции спаѓа бронхитисот, кој може да биде акутен и хроничен. Ако се искомплицира хроничната слика, се добива бронхиолит, хроничен бронхитис, емфизем, астма, професионални заболувања. Многу е голема и широка палетата на болести на долните дишни патишта.
Освен загадениот воздух и вирусите кои се почести во зима, што друго ги поттикнува овие болести?
МИЦЕВСКА: Огромен е бројот на причинители за овие состојби. Имаме состојби од домаќинот и состојби од средината, односно состојби на пациентот кој може да има намален имунитет, и некои други пропратни заболувања. Многу причини од страна на домаќинот може да ја актуализираат оваа состојба. Освен загадениот воздух, тука се уште и пушењето цигари, неземање соодветна исхрана, факторите на околината, работа во загадени простории, контакти со болни лица, престој во задушливи и во затворени простории, епидемија на некој вирус. Она што најчесто го дестабилизира организмот се настинките, контактите со болни, недоволно внесување течности, неконсумирање соодветна исхрана, недоволно внесување витамини. Потребно е малку организмот да се дестабилизира за да биде совладан од вирусот. Загадениот воздух е посебно карактеристичен за Скопје. Во Скопје воздухот „пече“ кога го дишеш. Тоа е така поради издувните гасови од автомобилите.
Кои се вашите препораки, како за возрасните, така и и за децата?
МИЦЕВСКА: Проветрување на просториите, одржување на лична хигиена, миење раце, непосетување на болните. Оние што се болни мора да ја „одлежат“ настинката неколку дена во кревет, со многу течности, аналгетици, чаеви, витамини. Да се јаде многу овошје и зеленчук. Децата да се рехидрираат. Многу е важна и вакцинацијата, посебно за хроничните болни, кои би требало со вакцина да се заштитат од сезонски грип. Многу треба да се внимава во превенцијата, посебно кај децата, каде што од една обична респираторна инфекција, од еден обичен ринит може да се добие и пневмонија во најтешка форма.
Д-р Мицевска, вие сте директорка на Заводот за превенција и лекување на респираторни заболувања во Отешево. Кој се може да се лекува во тој Завод и како пациентите да добијат упат за таму?
МИЦЕВСКА: Нашиот Завод постои и работи од 1980 година. Имаме долга традиција и ние сме единствена здравствена установа за рехабилитација на респираторен систем во Македонија. Кај нас може да се лекува секој респираторен болен кој веќе имал хоспитализација или некоја компликација и да дојде како продолжено болничко лекување во Отешево. Ние имаме физикален третман за болни, кинезитерапија, вежби за дишење, дренажи, кондициски вежби, инхалации и други методи кои им ја подобруваат состојбата. Заводот овозможува превенција, лекување и рехабилитација. Болните од респираторни болести многу трошат, посебно пациентите кои се болни од ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест), болните од астма, исто така, користат скапи лекови и целта е да се намалат нивите посети кај доктор. Најбитно е да се намали бројот на хоспитализациите и да се спречи инвалидноста на овие болни. Упатот се добива со препорака од клиниките каде што престојувал пациентот. Во последниве години има новина, со новиот Закон за здравствена заштита пациентот може да дојде и преку матичниот лекар.
Зошто е одбрано Отешево, зошто токму таму се изгради овој Завод?
МИЦЕВСКА: Светски експерти препорачале тука да се изгради овој Завод бидејќи ги исполнува сите критериуми на Светската здравствена организација (СЗО) за лекување на респираторни болни. Има средна надморска височина, благопријатна клима, студени лета, благи зими, нема големи варијации во температурата, нема никакви аерозагадувачи. Се наоѓа на западниот брег од Преспанското Езеро и има карактеристична клима. Има судир на ветрови кои дуваат од Јадранско, Јонско, Средоземно Море и од континентален дел. Се смета дека тој судир на ветровите е на средина на езерото. Кај нас доаѓаат најтешко болните пациенти.
Се лекува ли бронхитисот и дали неизлечен бронхитис по неколку години може да се развие во нешто друго?
МИЦЕВСКА: Акутниот бронхитис се лекува. Хроничниот бронхитис може да биде таков со години, а може да премине и во ХОББ. Тоа е потешка состојба и носи со себе и други придружни болести. Се карактеризира со намалување на кислород во крвта, тешко исфрлање на јаглерод диоксид од белите дробови, нарушување на гасовите. Овие болни се зависни од кислород и обично имаат хипертензија, дијабет… Сега има многу добри терапии.
Освен чистиот воздух, каква терапија е потребна за да се излечат болестите на долните дишни патишта?
МИЦЕВСКА: Пациентите не ги лечи само воздухот, туку и терапијата е многу обемна и покомплексна. Тоа се лекови од групата на бронходилататори, кортикостероиди, аеросоли, антибиотици. Ние даваме инхалаторна терапија индивидуално дозирана според потребите на секој пациент. Користа е многу голема, како што ќе одлучат лекарите според наодите на болниот се даваат дренажи, вежби за дишење во седечка и во лежечка положба, кондициски вежби, вежби за јакнење на помошната респираторна мускулатура, учење на правилно дишење со дијафрагмата за да се зголеми капацитетот на белите дробови. Многу е широк дијапазонот на третмани кај нас за болните. Во последно време има тенденција на намалување на антибиотската терапија, но тоа не може да се спроведе кај сите болни. Тоа треба да биде препорака за генерациите што растат, тие да развијат имунитет, да не се наруши рамнотежата во имуниот систем и полесно да ги пребродат обичните респираторни заболувања.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.