Кими Раиконен изјави дека откако се приклучи на „Ферари“ во почетокот на минатата сезона, тимот е променет многу. Пред тоа финецот се натпреваруваше за Скудерија меѓу 2007-2009 и потоа пак се врати во 2014 година, но без некој особен успех. Оваа сезона тимот од Маранело се претставува многу јако и се бори со лидерите Мерцедес.
– Тимот се промени многу, сега работи на друг начин. Се разбира, некои луѓе се сменија, но генерално тимот е стабилен и атмосферата е многу добра, резултатите исто така. Тоа е едно многу пријатно место и се радувам што сум тука. Одлично се движиме во вистинската насока и со добра брзина. Сите тука го знаат тоа и знаеме каде сакаме да стигнеме, на чело. Сакаме да се бориме за титули и да освојуваме трки. Задоволни сме што подобро се справуваме, но сеуште не сме ја постигнале целта. Се надеваме догодина да успееме, изјави Кими.
Во последните натпревари Раиконен и клубскиот колега Себастијан Фетел, запишаа само 15 поени, но според Кими, тоа не го менува пристапот на тимот.
– Навистина, резултатите во последните натпревари се многу лоши, но ние знаеме каде сме и само треба да си ја вршиме работата подобро и без грешки. Не мислам дека ќе го промениме начинот на кој ги правиме работите, бидејќи како тим до сега се справувавме прилично добро и одевме во вистинската насока. Нема смисла ова да се менува за преостанатите две трки. Ќе продолжиме да даваме се од себе и да завршиме што е можно по напред на табелата, а потоа ќе започне и зимската подготовка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.