| четврток, 6 декември 2018 |

Републиканските кандидати за Белата куќа го оспорија планот на Трамп за имиграцијата

Тројца водечки републикански претенденти за влез во Белата куќа го оспорија планот на милијардерот Доналд Трамп за депортирање од САД на повеќе од 11 милиони нелегални доселеници и за кревање на ѕид долж границата со Мексико, пренесоа светските агенции.

tramp

Во четвртата телевизиска дебата на републиканските претенденти за Белата куќа во Милвоки, во сојузната држава Висконсин, Џеб Буш, Џон Кесик и Марко Рубио го обвинија Трамп дека дава нереални предлози кои ќе ѝ помогнат на кампањата на демократската претендентка Хилари Клинтон.

– Имаме потреба од граници. Ќе имаме ѕид. Тој ќе ја заврши работата. Доволно е да го прашате Израел. Ѕидот ја врши работата – верувајте ми, рече Доналд Трамп.

„Дванаесет милиони нелегални доселеници да бидат вратени, по 500. 000 месечно. Тоа едноставно не е можно. И е во спротивност со нашите вредности. Тоа ќе ги растури нашите заедници“, изјави поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш.

– Треба да ја освојам Белата куќа, а за тоа ни се потребни реални планови – додаде тој. Според Буш, нелегалните доселеници треба да добијат шанса за озаконување на својот статус, забележуваат француските медиуми.

Џон Кесик, исто така, изјави дека планот на Трамп е неспроведлив.

– Помислете на нивните семејства, повика тој и го бранеше својот предлог доселениците што не ги нарушиле американските закони да платат парична казна и да можат да останат во САД.

Многумина републиканци стравуваат дека идеите на Трамп против имиграцијата ќе ги одвратат избирачите од шпанското говорно подрачје, чии гласови ќе бидат решавачки за добивање на претседателските избори во 2016 година, забележаа британските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top