| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Извештајот од народот ќе дојде по изборите, тој е одлучувачки!

Република Македонија очекува датум за преговори и откочување на интегративните процеси кој ќе биде заслужена верификација на се она што до сега е направено и што ќе се направи

Република Македонија седма година по ред добива препорака од Европската Комисија за почеток на преговори за членство во Европската Унија.

Откако амбасадорот Орав му го предаде Извештајот од ЕК, Груевски посочи дека Извештајот од народот го очекува по изборите во април 2016-та година.

Овој политички извештај, потенцира премиерот Груевски,  ги оценува карактеристиките на македонската држава низ призмата на интересите на Унијата и ние тоа го препознаваме.

-Секако за темите опфатени во извештајот најдобра оценка може да даде народот, затоа што токму народот во нашата земја ги знае секојдневните предизвици со кои се соочува, ги знае сите актери и околности, и оценката, односно извештајот на народот ќе дојде на наредните избори и тука се ќе биде јасно и секому ќе биде јасно дека народот е тој што во оваа држава одлучува. Извештајот содржи позитивни забелешки и вреднувања, бележи и области каде има недоволен напредок, односно има и критики, но фактот што постои препорака, значи дека позитивните моменти превагнале во оценката на Европската комисија во поглед на исполнување на критериумите. Се надеваме дека по исполнувањето на критериумите, после изборите во 2016 година нема да сме подложени на нови пречки и услови, за недобивање на  датум за преговори. Статус-кво ситуацијата во контекст на евроатланските интегративни процеси е лоша за државата и одбегнување или пренасочување на одговорноста од било кого сите ќе ја гледаат како соучесништво во неуспехот, рече премиерот.

gruevskiorav23

Тој потенцира дека Република Македонија очекува датум за преговори и откочување на интегративните процеси кој ќе биде заслужена верификација на се она што до сега е направено и што ќе се направи.

-На нашиот народ му е јасно се и нема никаква потреба од дополнителни објаснувања за се она што се случува. Во овогодинешниот извештај според она што го гледаме, констатирано е подобрување во  економијата, поле на кое како влада посветуваме најголем фокус и енергија, и што најдобро може да се почувствува и види и без посебен извештај, доколку се погледне бројот на новоотворени работни места, новите фабрики и инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти. Владата на Република Македонија, темелно ќе го проучи и анализира Извештајот на Комисијата. Изнесените оценки, забелешки и препораки, како и досега, ќе претставуваат патоказ за идните активности на Владата во пристапниот процес, и ќе бидат преточени во конкретни дополнителни мерки при ажурирање на Владиниот Акциски план за итните реформски приоритети и Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Ефикасната реализација на овие два документи останува да биде приоритетна задача на Владата.  Што се однесува до наметнатите грчко – македонски разлики околу името на Република Македонија, ја повторуваме подготвеноста за водење на интензивен дијалог за изнаоѓање на решение во рамките на меѓународната правна рамка дефинирана од Обединетите нации и Меѓународниот суд на правдата. Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Времето покажа дека одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого, но важно е да се истакне дека било какви непропорцинални и неконвенционални условувања нема да придонесат во изнаоѓање на решение за било кое важно прашање за нашата земја, додаде премиерот.

Според него, од исклучителна важност е грчко-македонските односи да се развиваат низ призмата на заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Груевски вели дека Македонија останува посветена да ги развива договорените мерки за градење на доверба со Грција.

gruevskioravv344

Амбасадорот Аиво Орав рече дека најважно од се е тоа што Македонија ја доби седмата последователна препорака. Вели дека не е толку важно дали истиот е позитивен или негативен и дека заедничка цел е Македонија што поскоро да започне со преговорите за влез во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top