| четврток, 6 декември 2018 |

Спилберг и Хенкс ја оживуваат вистинската приказна за Студената војна

Стивен Спилберг ги здружи силите со оскаровецот Том Хенкс во трилерот „Мост на шпионите“. Во филмот нè враќаат во ерата на Студената војна – ќе го видиме Хенкс во улога на бруклинскиот адвокат Џејмс Донован, кого ЦИА го праќа на речиси невозможна мисија: да преговара за ослободување на американскиот пилот кој е заробен на руска територија. Освен Хенкс, во актерската постава се најдоа и Марк Рајланс, Скот Шепард, Ејми Рајан и Алан Алда.

„Мост на шпионите“ се однесува на вистинскиот мост кој ги спојувал Западен Берлин и Потсдам, кој тогаш се наоѓал под контрола на Источна Германија. Во 1960-те години американските и советските тајни служби на него вршеле размена на заробеници. Спилберг на големото платно ја пренесе приказната за првата размена на заробеници на овој мост која се случи на 10 февруари 1962 година, кога двете завојувани страни ги разменија советскиот шпион Рудолф Абел и американскиот пилот Френсис Гери Паверс.

Сценариото за филмот го напишаа браќата Коен и Мет Черман. Ако се погледнат претходните филмови во кои соработувале Стивен Спилберг и Том Хенкс – „Спасување на војникот Рајан“, „Фати ме ако можеш“, „Терминал“ – тогаш можеме да очекуваме многу од новиот трилер.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top