| четврток, 6 декември 2018 |

Кардиналите од Луисвил нови шампиони во НЦАА

Кардиналите од Луисвил се нови шампиони во НЦАА, по блескавиот триумф во финалето против Мичиген вулверинс со 82-76.

Првиот фаворит на кошаркарскиот турнир за американски колеџ ја оправда улогата и ја прокнижи третата титула во клупската историја, прва по пауза од 27 години. Момчињата што лани играа на фајналфорот, но загубија од шампионот Кентаки, овојпат не ја повторија грешката и заслужено славеа голема победа. Посветата е за Кевин Вер, нивниот соиграч, кој заработи тешка скршеница на десната потколеница во последната битка за настап на Ф4. Тој ги бодреше другарите од Луисвил, а овие одговорија на предизвикот и стигнаа до шампионскиот прстен. И, како по правило, тоа го сторија со пресврт, по негативата од 12 поени разлика. Во текот на целиот турнир Луисвил стартуваше послабо, но во вториот дел го кршеше отпорот на противниците. Лук Хенкок повторно беше „златна“ резерва за новиот шампион, како и во полуфиналето против Вичита стејт. Хенкок беше најефикасен со 22 поени, два повеќе од ефектот во претходниот меч, а негативата под 12, Луисвил на крајот ја претвори во шампионска позитива од 6 поени. Големиот талент Пејтон Силва беше извонреден со 18 поени, а Шејн Бехенен додаде 15 поени.

– Не можам да ви опишам колку сум среќен. Момците го сторија тоа и за мене. Ова е најлудата авантура во мојот живот. Имав невиден пех, што се претвори во бајка. Јас сум шампион и сега сум најсреќен човек на планетата – рече Вер. Неговата повреда беше страшна, на очиглед на соиграчите, кои беа шокирани бидејќи на доскок, му излезе коската, што се скрши како сламка. А, реакцијата на Вер беше спартанска, херојска.

– Играјте за мене и победете. Јас ќе бидам ОК, не мислете на мене, само продолжете храбро – беше пораката на Вер кога го изнесуваа од салата во Индијанаполис, веднаш по тешката несреќа.

Вториот херој на Луисвил е тренерот Рик Питино. Одличниот стратег имаше понуда да се врати и да го предводи легендарниот Универзитет Кентаки, но се одлучи за неизвесната авантура во Луисвил. Лани тоа изгледаше како сосема погрешен чекор бидејќи Кентаки ја освои титулата, но Рик не се предаде и сега ја слави шампионската титула. Тој е единствениот тренер во НКАА со титули со два различни колеџи, Кентаки и Луисвил.

NCAA

Главниот јунак, сепак, е Лук Хенкок, бекот на шампионската екипа. Кога беше најпотребно за Луисвил, во полуфиналето и финалето, тој стапи на сцена и беше „златната“ резерва на тимот. Против Вичита стејт даде 20 поени, со брза стрелба за три поени, а овојпат беше уште побрз. Со 14 поени за само две и пол минути, тој ги збуни противниците и го поведе Луисвил до трофејот. За тројка беше непогрешлив со 5 погодени удари од 5 обиди и тој беше моторот на успехот на новиот шампион.

Финалето го следеа 74.326 гледачи во „Џорџија дом“ во Атланта, што е нов рекорд според посета на финале во НЦАА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top