На состанок кај премиерот на Русија, Дмитри Медведев, вчера се разгледуваше можноста по прекинот на летовите за Египет, каде се урна руски патнички авион, забраната да опфати и други потенцијално опасни земји, пишува „Комерсант“.
– Забраната да се лета до Египет ќе продолжи не месец-два, туку години, додава изворот на весникот.
Ако следат нови забрани, значи руските безбедносни сили ќе имаат мотиви за тоа, коментира Ернст Валеев од комисијата за безбедност во Државната дума.
Иницијативата е апсолутно оправдана и очекувана, со оглед на активните мерки на Русија на Блискиот Исток, додава неговиот колега Андреј Луговој.
– Треба да бидеме подготвени Русија да стане држава на нишан, заклучува Франц Клинцевич, шеф на ресорната комисија во горниот дом, Советот на федерацијата.
Високи, но анонимни извори од руските државни структури тврдат за „Комерсант“ дека авионската несреќа над Синај пред 10 дена, зела 224 жртви, е предизвикана од предавство во египетските тајни служби. Според нив, во моментов се проверува сигнал, дека пред полетувањето на несреќниот Ербас од непознати причини биле пуштени странични лица.
Весникот не исклучува дека ако рускиот авион навистина се урнал поради напад, можеби станува збор за диверзии и против Русија, но и против египетските власти.
Неодамна Каиро соопшти дека е ликвидиран војводата од локалната терористичка група „Ансар Бејт ал-Макдис“, поврзана со џихадистите од „Исламска држава“ (ИД), кои војуваат во Ирак и Сирија, појаснува весникот, цитиран од БиБиСи.
Рускиот политиколог Александар Игнатенко, верзијата за тероризам ја поврзува со евентуални планови Египет, како клучна сунитска земја од регионот, да биде дел од меѓународните напори за борба со „ИД“.
Експертот Алексеј Малашенко истакнува дека катастрофата е огромен удар по позициите на египетскиот претседател Абдел Фатах ас Сиси, бидејќи неговата држава губи мулти милијарди долари профит од туризам.
Тој сепак не верува дека нападот е дело на „Ансар Бејт ал-Макдис“ или „Муслимански браќа“. Според него по логично е да станува збор за исламисти кои војуваат во Сирија. Тие навистина има за што да и се одмаздуваат на Москва, додава аналитичарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



