Говорот е основен вид комуникација, во голема мера одреден од нашата внатрешна биолошка природа, но обликуван и условен од социјалното поле. Тој претпоставува одредени соматски структури кои го организираат и го извршуваат, како и цел која ја мотивира личноста за извршување говорна активност. Говорниот развој е сложен процес во кој се обединуваат различни модалитети на физиолошки, говорни и јазични процеси и претставува збир на сегменти: фонација, прозодија, артикулација и јазична база. Се знае дека голем број причинители имаат влијание и можат да го нарушат природниот тек на развојот на говорот и на јазикот. Раното откривање и преземањето соодветни мерки се единствениот начин на превенција на говорно-јазичните нарушувања. Набљудувајќи го своето дете во секојдневната комуникација, родителите често пати се прашуваат дали е говорот на нивното дете уреден и што можат тие, како родители, да направат за своето дете. Во текстот што следува можете да ги најдете одговорите на следните прашања:
• Кои се очекуваните постигнувања во комуникациските вештини, во говорот и во јазикот на одредена возраст? Морам да споменам дека за недоносени деца важи коригираната гестациска возраст.
• Кои се знаците што може да ви алармираат дека нешто не е во ред, за да се посоветувате со логопед?
• Кои активности со детето на одредена возраст ќе помогнат за успешен говорно-јазичен развој?
До 3-месечна возраст
- Детето има нагли движби, како реакција на гласни звуци;
- Се смирува на тивки, нежни гласови;
- Ужива во раце и во прегратка;
- Плаче;
- Продуцира гласови на задоволство и на незадоволство;
- Има силни мускули на образите и јазикот.
Предупредувачки знаци:
- Отсуствува реакција на звуци;
- Проблеми со цицањето и со голтањето;
- Хипотонија или млитавост на мускулите на говорните органи;
Активности за стимулација:
- Додека вашето бебе лежи, изговарајте му го името отстрана, сè додека не ја сврти главата накај звукот. Насмевнете му се и пофалете го за добро завршената работа. Повторете го истото од другата страна.
- Земете една од тропалките на вашето бебе или музичка играчка и ставајте ја на двете страни од него и видете дали тоа ќе се сврти кон звукот. Ова помага децата да научат да го локализираат звукот.
- Зборувајте му на вашето бебе помелодично, охрабрувајќи го да вокализира.
- Вашето бебе треба да е во близина на вашето лице кога му зборувате. Тоа треба да биде околу 25 см од вашето лице за да може да се фокусира на вас.
- Зборувајте му на вашето дете за сè што правите околу него.
- Зборувајте му за деловите од неговото тело додека го бањате. На пр.: ,,Ова е раката … мама ја мие раката“, итн.
Од 4 до 6 месеци
- Детето гледа во вашето лице со интерес кога му зборувате;
- Се обидува да ,,зборува“ со вас односно брбори;
- Ужива во комуницирањето со вас, се насмевнува на вашето внимание;
- Има посебен плач кога е гладно. Знак на предупредување е отсуството на кое било од горенаведените однесувања.
Знак на предупредување е отсуството на кое било од горенаведените однесувања.
Активности
- Огледалата се одлична алатка за оваа возраст. Прашајте: ,,Кое е ова бебе?“, мавтајте со рака или направете некоја мимика за да видите како тоа се смее и ужива.
- Играјте игра ,,Каде е играчката?“ Земете крпа или шал и покријте ја играчката, побарајте: ,,Каде е играчката?“, потоа ја разоткривате. Со ова детето учи концепт наречен трајност или перманентност на објект, што му овозможува да разбере дека и нешто што не може да види не значи дека не е таму.
- Имитирајте го секој звук што го прави вашето бебе. Ова го охрабрува да вокализира. Вокализациите ќе се претворат во зборови.
- Ако вашето бебе започнува да оформува зборови, ги преземате овие зборови и ги продолжувате. На пример, ако бебето вели: ,,Мама“, може да се каже: ,,Да, јас сум мама“, ова го охрабрува за земање на ред и е почеток на конверзација.
- Повторно, деловите од телото се прекрасен концепт за учење. Можете да му пеете или да му кажувате со ритам и рима покажувајќи на дел од телото, како на пример: ,,Допри, допри, допри го носот“ итн.
Од 6 месеци до една година
- Детето разбира некои општи зборови кога се користат со гестови на пр.: ,,Чао“ или ,,Па-па“, ,,Дај ми“ и сопствено име;
- Се обидува да кажува гласови и зборови: ,,Ба-ба“, ,,На-на“;
- Се обидува да пее заедно со радио / ТВ.
- Се смее и може да имитира кашлица.
Знаци на предупредување:
• Вашата загриженост за однесувањето на вашето дете, отсутен поглед или гугање;
• Рекурентни инфекции на увото. Активности за возраст од 6 до 9 месеци
• Изложете го вашето бебе на различни звуци како џагорења, потпевнувања, сирена, кашлица, кликнување на вашиот јазик, па дури и пукање со вашиот образ. Ова ќе го охрабри да истражува со јазикот и устата и да научи што сè може да направи.
• Игра: ,,Каде е музиката?“ Ставете ја музичката играчка некаде во собата и видете дали тоа ќе може да ја најде.
• Песни, рими, броенки придружувани со движења на рацете. На пример со играта ,,Јавање коњче“ на колено. Користете различни варијации на вашиот глас и со различни интензитети, за да покажете што може да се направи со гласот и да се истакнат различните концепти како: внимавај, полека, побрзо, горе, долу и сл.
• Играта ,,Ку-ку“, со крпа или шал. Ова е уште една игра со која се зајакнува концептот, постојаност на објектот, но сега тоа го правите со покривање на неговото или вашето лице. Ова помага бебето да го разбере концептот на постојаност на луѓето, како и на објектите.
• Читање книги со кратки реченици и едноставни илустрации. Можете дури да ги вртите страниците и само да ги именувате сликите.
Активности за возраст од 9 до 12 месеци
- Играјте надвор. Именувајте го секое нешто за кое е заинтересирано детето и разговарајте со него за тоа.
- Започнете учење на предлозите: во, на, над и под, со помош на кутија или вреќа и омилената играчка.
- Покажете му на детето да погледне слика на некој од семејството и зборувајте за него и кажете му го името. Потоа со шамија покријте ја сликата и прашајте, каде е?
- Повторно песни, движење и музички игри се одлични за оваа возраст.
- Книги што имаат копчиња на кои, ако се притисне, произведуваат звуци.
Од 12 до 18 месеци
- Баблингот или брборењето, личи на реченици;
- Разбира едноставни прашања / изјави на пр.: ,,Каде е носот?“, ,,Дај ми“;
- Кажува зборови, нејасно;
- Прави движења за ,,да“ и ја врти главата за ,,не“;
- Ужива во ритам и сака да игра на музика.
Знаци на предупредување
- Дали вашето дете воопшто не прозборело?
- Дали е вашето дете социјабилно или друштвено?
Активности
- Децата на оваа возраст започнуваат да разбираат едноставни прашања. Можете да играте игри ,,Каде?“ Додека сте во кујната, кога готвите или за време на вечерата, можете на пример да поставувате прашања од типот на: ,,Каде е лажицата?“ и сл.
- Детето треба да биде во можност да ги покаже оние делови од телото за кои сте го учеле. Може да покажува на кукли или на личност. Користете при тоа рими или песни.
- Вашето дете треба да именува неколку предмети, па често ќе го прашувате: ,,Што е тоа?“ Ако не знае, ќе му кажете, а потоа го прашувате повторно: ,,Што е тоа?“, сè додека тоа не одговори точно.
- Некои други концепти кои вашето дете треба да ги совлада на оваа возраст се: внимание; следење наредби; имитирање говор; барање за едноставни потреби, на пример да пие.
Од 18 до 24 месеци
- Кажува реченици од два збора како: ,,Дај млеко“, ,,Сакам одам“;
- Прашува за колаче или за играчка;
- Вели: ,,Што е ова“ на возраст од 2 години;
- Разбира прашања од типот: ,,Каде е мајка ти / татко ти?“;
- Разбира едноставни наредби: ,,Донеси ја јакната“;
- Разбира повеќе зборови отколку што може да каже.
- Знаци на предупредување
- Дали вашето дете користи повеќе гестови отколку зборови?
- Дали сте загрижени за способноста на вашето дете да зборува или да разбира?
Активности
Користете слики, книги и сликовници. Вашето дете треба да започне да идентификува објекти на слика, во книга или во сликовница. Тоа може да идентификува топка, чаша, лажица, и др. Знае дека две слики се исти или различни.
Изложете го детето во различни опкружувања и различни зборови односно богат вокабулар. Правете прошетки, одете во шопинг, посетете растителни градини, одете на пикник, чистете ја куќата или дворот заедно и сл. Разговорајте за нови ситуации пред да се случат, додека се случуваат и откако ќе се случат.
Од 2 до 3 години
- Комбинира 2-3 збора во реченица;
- Следи едноставни инструкции на пример: ,,Стави го мечето во кревет“;
- Одговара на едноставни прашања на пример: ,,Како се викаш?“, ,,Која е големата кукла?“;
- Може да стави играчка ,,во“, ,,на“, ,,под“ кутија или друг предмет, кога ќе побарате;
- Одговара на едноставни прашања во врска со предмети, на пр.: ,,Со што јадеме?“.
Знаци на предупредување
- Дали вашето дете покажува фрустрација кога се обидува да зборува?
- Дали имате тешкотии во разбирањето на вашето дете?
- Дали вашето дете користи реченици од два збора? Активности за деца од 2 до 2 ½ години
- На оваа возраст е забавно да се започне имитација на звуци на предмети и животни со вашето дете. Лаење како кучиња, црцорење како птици, брмчење на мотор итн.
- Поставувајте му прашања на вашето дете, заради стимулација на неговата мисла и јазик. Кога тој кажува за нешто што го прави, пофалете го за неговите напори во комуникацијата.
- Детето користи комбинации од два збора, користи заменки, мое, тебе и мене. Кажува за себеси со името. Користи негативни фрази како: ,,Не оди“, ,,Не сакам“, итн. Останува во активност 6-7 минути, гради мала кула со коцки, води разговор со кукли и само со себе.
Активности за деца од 2 ½ до 3 години
- Кога играте со коцки или со други предмети, тоа треба да биде во можност да го разбере концептот на бројот еден. Ако тоа има 6 коцки и вие побарате една, тоа треба да биде во можност да ви даде со рака само една коцка.
- На оваа возраст, треба да започнете воведување на поимите, ,,големо“ и ,,мало“. Додека играте со него, има неколку различни големини на коцки и барајте од него мала или една голема.
- Играње едноставни мемориски игри со вашето дете е добро во оваа возраст. Тоа треба да биде способно да запамети две цифри или букви. Кажувате два броја, односно 2 и 5 и ќе видите дали тоа може да ги повтори.
- Детето треба да ја разбира употребата на некои предмети. Прашајте го: ,,Со што се чешламе?“, ,,Со што сркаме супа?“, итн.
- Други говорно-јазични карактеристики што вашето дете треба да ги покаже се: да користи комбинации од 2-3 збора; да повторува едноставни реченици; да следи едноставни наредби како: ,,Стави ги коцките во кутијата”; има појасна и попрецизна артикулација на сoгласките: б, к, д, ф, г и др.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст