| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски – Петерле: Позитивните промени во Македонија го радуваат ЕП

pop

Европскиот парламент е задоволен и пријатно изненаден од позитивните политички промени во однос на политичкиот дијалог во Македонија и законодавното тело на Европската унија очекува тоа да се рефлектира и во утрешниот прогрес-извештај што ќе го издаде Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграциите.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, е заклучокот од денешната средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски со европратеникот Алојз Петерле, кој е и претседавач со Мешаниот парламентарен комитет на Европарламентот и македонското Собрание.

Според Попоски, постои охрабрување кај поддржувачите на Македонија во ЕП и воопшто во Европската унија за спроведувањето на одредниците од полиитчкито договор, а поранешниот премиер на Словенија посочи дека добрите вести од македонската држава се очекува позитивно да се одразат и на извештајот на Еврокомисијата.

– Разговаравме со претседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет меѓу Европскиот парламент и македонскито парламент, Алојз Петерле со кого ова го користиме во најава на утрешното објавување на извештајот за напредокот на Република Македонија. Постои едно охрабрување кај нашите поддржувачи и во Европскиот парламент и меѓу земјите-членки на ЕУ од фактот што Македонија успева да ги спроведува одредниците што се поврзани со политичкиот дијалог. На тој начин и ги изолираме сите оние што не се толку мотивирани да имаме напредок во евроинтеграциите, но ги користат како изговор внатрешните политички слабости- посочи министерот Попоски во изјава за МИА по средбата.

Искусниот словенечки европратеник, пак, не го криеше задоволството што идниот месец поради позитивниот развој на настаните во Македонија, ќе се одржи состанок во комплетен состав на Мешаниот парламентарен комитет на Европарламентот и македонското Собрание во Скопје.

– Многу сум задоволен поради позитивните промени во Македонија. Мешаниот парламентарен комитет ќе се одржи во втората половина на првата недела во декември и јас денеска имав можност да разговарам за некои политички елементи на овој развој со министерот за надворешни работи на Македонија, господинот Попоски- изјави Петерле за МИА.

Според македонскиот шеф на дипломатијата, кој останува во работна посета на Брисел со оглед на тоа што утре ќе има настап пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ-група) за бегалската криза, во следниот период најголемиот фокус на Брисел кон Македонија ќе биде за натамошното спроведување на сите договорени точки од политичкиот договор.

– Сепак, сега имаме една почиста ситуација за да се избегне прикривањето на вистинските причини поради кои Македонија веќе подолг временски период, седум години не е во можност да преговара со Европската унија- потенцира министерот Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top