| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на романот на Владимир Јанковски „Невидливи љубови“

На 10 ноември во Галеријата при МКЦ во 20.30 часот е закажана промоцијата на новиот роман на Владимир Јанковски, „Невидливи љубови“. Промотор на делото ќе биде македонскиот писател Влада Урошевиќ, а целиот настан ќе го модерира Иван Шопов. Делови од романот ќе читаат Николина Андова-Шопова и Владимир Мартиновски. Во рамки на промоцијата ќе се одржи и разговор со авторот.

unnamed

„Невидливи љубови“ е составен од три приказни, во кои авторот преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов: односот меѓу присуството и отсуството, опседнатоста со појавното и со видливото, идејата за Другиот како конструкција и како фикција. Како се однесува кон девојката што ја сака некој што може да се преобразува во предмети? На кој начин сака човек опседнат со набљудување? Што прави тој што секогаш кога ќе се доближи до девојката во која е вљубен, станува невидлив? Ова се само дел од клучните прашања во романот.

Две нетипични бајки за возрасни премостени со една филмски раскажана приказна, во кои како во музичка композиција идеите варираат, се надополнуваат, си противречат или течат паралелно една покрај друга. Елементите на бајка се комбинирани со речиси сурово реалистички описи и токму во тој спој лежи еден од најпривлечните елементи на текстот. Романот е објавен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

„Невидливи љубови“ е втор роман на Владимир Јанковски, кој досега ги објавил книгите: „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ), „Скопје со широко отворени очи“ (2008, фотоесеј, заедно со фотографот Иван Блажев), „Лицата на невидливиот град“ (2010, фотоесеи, заедно со фотографот Иван Блажев), „Вечно сегашно време“ (2010, роман). Освен како писател, тој на книжевната сцена е присутен и како преведувач, па на македонски јазик превел книги од: Дубравка Угрешиќ, Ијан Мекјуан, Сузан Сонтаг, Џон Фанте, Маргарет Етвуд, Филип Дик, Чарлс Буковски и др.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top