На крстосницата на булеварот „Свети Климент Охридски“ со улицата „Свети Кирил и Методиј“ денеска почна прскањето на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
Увид на почетокот на процесот направи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
– На почетокот од овој процес се опфатени неколку градски сообраќајници – булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков, а предвидено е да се прска и на други градски сообраќајници. За реализација на овој процес, ЈП „Комунална хигиена“ специјално адаптираше шест од новите возила. Ова средство се користи во повеќе европски градови, меѓу кои Лондон, Барселона и Виена. Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти, изјави Трајановски.
Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошко, биоразградливо, не е штетно за растенијата и не е корозивно, односно не предизвика оштетување на возилата. При неговото аплицирање може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој не е опасен по здравјето на луѓето.
Градот Скопје информира дека изборот на трите сообраќајници (булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков) е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух така што најлесно ќе може да се споредат резултатите пред и по третирање со средството.
Брзината на сообраќајниците каде што ќе се аплицира средството ќе биде ограничена на 40 километри/час заради можна појава на лизгавост на коловозот, а на улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.