Денес имаме држава, денес Република Македонија е суверена, независна и самостојна држава на Балканот. Сепак, треба да бидеме внимателни затоа што минатото отсекогаш нè потсетувало на безвременските човечки вистини, а историјата е еден чуден систем за рано предупредување, посочи премиерот Никола Груевски од Свечената академија на Денот на македонската револуционерна борба. Во својот говор се осврна на историјата, на актуелните случувања, но и на иднината од аспект на премрежињата низ кои минува македонското општество.
– Како премиер на Македонија, кој ја добил довербата да ги раководи процесите во еден одреден период, нема да дозволам расцепување на македонското национално ткиво и нема да дозволам определена појава да ги загрози вредностите и правците на опстанок на нашата нација. И во ситуација да не бидам поддржан во тој мој поход од другите засегнати страни, политичкиот капитал што би го потрошил на краток рок преку некоја отстапка, компромис, широчина на домашен план за да успеам во остварувањето на својата цел за обединетост и за заедништво за врвните точки од национален и од државен интерес, е минорен во споредба со историската димензија на преземениот чекор – нагласи Груевски на Денот на македонската револуционерна борба.
Ние граѓаните што живееме тука, додаде тој, секогаш можеме да најдеме повеќе и поголем број заеднички точки и платформи, отколку некој што не е од тука.
– Да, ние имаме пријатели, кои сакаат да ни помогнат во постигнувањето на заедничките цели, но ќе покажеме слабост пред нас самите и пред другите ако ја трошиме нашата енергија за да се оцрниме меѓу себе, да си напакостиме, да се закрвиме и да се ослабиме. Не, ние мора да покажеме и капацитет и карактер, кој ќе нè направи и повеќе почитувани надвор и повеќе среќни дома. Не изгледа добро кога однадвор бараме помош и сојузници едни против други – истакна Груевски.
Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува
Договорот од јуни и од јули во Скопје треба да се почитува во целост, како што е договорен и напишан, без проширувања од рамките во кои е поставен и без разни толкувања и дополнувања во зависност од политичките интереси на партиите, истакна Груевски во своето обраќање.
– Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува. Тој договор не може да служи како појдовна точка за нови преговори, за нови договори од кои почетна точка е тој договор. Секој политичар и секој што сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор – нагласи Груевски.
Основна и единствена цел на договорот е да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови, кои нема да создадат сомнеж за нееднаквост, дискриминација или фаворизација. Министрите и замениците со право на вето во согласност со договорот, треба да осигурат балансираност на институциите.
– Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичката функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да имаат влијание во изборниот процес – рече Груевски, кој се надоврза дека на ист начин треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител.
– Ние немаме од што да стравуваме. Сакам да верувам дека и нашите политички конкурентни нема од што да стравуваат. И не треба да стравуваме едни од други, треба да стравуваме само од народот. Јас барам народот да одлучи кому му верува – нагласи тој.
Битка за Македонија
– Денот на македонската револуционерна борба е ден за да се потсетиме сите дека ова е наша земја и дека народот на Македонија одлучува за нејзината иднина, потсети Груевски.
– Ова во Македонија е битка за Македонија. За тие на кои ова не им е јасно досега, ова е добар ден да го нагласиме тоа. Битката е многу поголема од дневните авантури на опозицијата, која свесно се става во улога на алатка. Оваа битка ќе се реши на изборите на 24 април. На тие избори народот ќе каже кого го поддржува и во кого има доверба. Нема да каже ниту некој странец, ниту некој со волшебен стап ќе ги реши нашите проблеми. Ние. Ние заедно со народот. Ова е наша земја. Ова е наша татковина. Ова е Република Македонија и ние мора да истраеме и да одговориме жестоко на сите предизвици со кои се соочуваме. Тоа сакам да го порачам на овој ден – нагласи Груевски.
Груевски јасно побара седма препорака за почеток на преговори и датум за членство во Европската унија оценувајќи го тоа како цивилизациски, морален, рационален и оправдан чекор. Евентуалното губење на препораката народот нема да го доживее трагично по шесте препораки без конкретни преговори, но Груевски нагласи дека знае дека тоа не е така.
– Обвинувањата потоа кој е виновен, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА или некој трет ќе бидат само почеток на нова неизвесност, во отсуство на еден сериозен кохезивен елемент. Обвинувањата потоа, дневнополитички, ќе бидат глупави и само ќе стимулираат омраза и гнев.
Македонија не е и не смее да биде само Клубот на пратениците, Македонија се двата милиони македонски граѓани на кои мора да се посветуваме како основен приоритет, а заради нашиот искрен мотив да помогнеме и да подобриме, додаде Груевски, кој не ја заборави и економијата, современиот аспект на борбата за Македонија.
Економијата и образованието во фокусот
– Само економски независен човек е вистински слободен човек. Затоа лозунгот со кој јас се будам и заспивам секој ден е економија, економија и економија. Знам дека слободата мора да биде поткрепена со економски развој и дека приоритет на секој одговорен политичар е да граби кон остварување на економските проекти, кои ќе имаат реален придонес во животот на секој човек и на секое семејство во Македонија – подвлече премиерот Груевски, кој најави нови странски инвестиции и нови работни места, потсетувајќи на намалувањето на невработеноста.
– Ние жестоко ќе продолжиме да се бориме за социјална правда, ќе продолжиме со мерките за вработување на луѓето, како најдобра гаранција за излегување од социјалната неправда, која ни беше оставена како структурен проблем – порача премиерот Груевски, кој во таа насока образованието го гледа како вистински и единствен ресурс. Паролите дека нема мир додека нема правда се добри за изговарање кога имаат суштина, но кај нас не само што ја немаат, туку имаат една мана, оцени Груевски. Нема правда додека нема знаење. А знаењето е мир. Образованието и вложувањето во подобро образование ни е единствениот ресурс за конкурентност во светот и за напредок на земјата. Тоа е суровата реалност, која мора да ја прифатиме, наспроти лажните митови, посочи Груевски.
Македонија го чествуваше Денот на македонската револуционерна борба, а свеченоста не беше нималку помала поради отсуството на честитка од опозицијата. Народот свикна на таа дрскост за речиси секој национален празник. 23 октомври е зад нас. Останаа предизвиците за чиешто надминување, по којзнае кој пат, лекциите ги влечеме од историјата. Бидејќи таа, навистина, е „чуден систем за рано предупредување“, како што и Груевски со цитати и примери посочи во своето обраќање. Обраќање , кое аналитичарите го оценија како најсилно досега, со вистински пораки до вистинските фактори.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 165. број на неделникот „Република“, 30.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии