| четврток, 6 декември 2018 |

Сноуден: Политиката на САД ја создаде Исламска држава

Поранешниот соработник на американската агенција НСА Едвард Сноуден вчера за шведските медиуми зборуваше за групата Исламска држава, методите на тортура на ЦИА и масовното следење на комуникациите.

snouden-640x360

Сноуден, две и пол години откако во јавноста ги објави документите за масовно следење на комуникациите од страна на американската Агенција на национална безбедност (НСА), изјави дека нема проблем за изборот што го направил.

На прашањето што прави сега, Сноуден одговори дека му е тешко да зборува за тоа, бидејќи се што ќе каже во САД ќе биде употребено против него.

– Ако кажам нешто добро за Русија, нешто како дека тука не е „исто како во пеколот“, тоа ќе биде пренесено како да сум изјавил дека сум заљубен во Кремљ или нешто слично. Ако кажам нешто лошо, ќе се случи истото, изјави Сноуден пред новинарите во хотел во Москва.

Сепак, Сноуден најмногу сакал да зборува за тоа што му недостига најмногу, а тоа е неговото семејство, пренесува „Раша тудеј“.

– Немам проблем за својот избор. Се уште можам да го видам своето семејство, кога ќе дојдат да ме посетат. Се уште можам да комуницирам со кој било, каде било, истакна Сноуден.

Сноуден зборуваше за техниките на тортура кои ги користи ЦИА.

– Постоеа индикации дека во ЦИА има луѓе што би сакале да зборуваат за тоа, но беа под притисок. Тие по налог на ЦИА, мораа да престанат со собирање на информации, истакна тој.

Според Сноуден земјите кои прифатиле на нивна територија да се наоѓаат центри за тортура се лош пример за цел свет.

– Таквите држави почнуваат да мислат дека тоа е во ред, дека сакаат да го направат тоа, бидејќи ако тоа го прави Америка, тогаш мора да е во ред. Но, таквите тајни не може вечно да се чуваат, тие испливуваат на површината. Може да ги чувате со години, дури децении, но ќе бидат откриени, истакна тој.

Во однос на беспилотните летаал, тој смета дека во девет од десет случаи тие убиваат цивили, а не терористи. Сноуден нагласи дека Вашингтон со дронови не следи луѓе, туку телефони, поради што не може да се знае дали тој што го носи телефонот е терорист или негов познаник.

– Дроновите создаваат повеќе терористи отколку што убиваат. Додека не почнавме со бомбардирање на тие земји, во нив не беше присутна ИД. САД се водат од емоции, наместо од разум и без никаква смисла веднаш реагираат, оцени тој.

За масовното следење на комуникациите, што тој го откри, Сноуден изјави дека дури и тие што сметаат дека немаат што да кријат, би требало да се спротивстават на методите што ги користи НСА.

– Не станува збор за тоа дали имате нешто да криете, туку за тоа што можете да загубите. А, тоа што го губиме кога сме под набљудување е нашата човечност, истакна Сноуден.

Сноуден во 2013 година откри податоци за начинот на кој НСА масовно ги следела граѓаните, но и некои европски лидери. Тој изминатите две години се наоѓа во Москва и се соочува со затворска казна од 30 години во САД.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top