| четврток, 6 декември 2018 |

Лојалноста на испит

Македонија како држава во која покрај доминантниот македонски народ живеат и други поголеми или помали етнички групи, секогаш ќе го има проблемот со лојалноста на дел од Албанците кон државата Македонија. Блискоста со Албанците од Албанија и од Косово е добра причина за тоа, сонот за Голема Албанија, кој се сонува во голем број албански куќи, нема да запре

agron-budzaku-300Да се навива за албанската репрезентација, која за првпат се пласира на Европското првенство, е нормална работа, и авторот на овие редови навиваше за прв пласман на Албанија на ЕП. Но сосема ненормална работа е кога со своите дела дел од албанските политичари или поединци работат за други држави, а на штета на Македонија. Затоа и дилемите за лојалноста на Албанците кон македонската држава секогаш ќе бидат една од темите што ќе ги спречуваат односите меѓу двата најголеми етникуми во земјава. Одлуката на македонскиот амбасадор во Париз за време на гласањето во УНЕСКО за прием на Косово во оваа агенција на светската организација, со што, практично, на мала врата екссрпската покраина се зачленува во светската асамблеја, по којзнае кој пат ја отвори темата дали Македонците можат секогаш да им веруваат на своите сограѓани Албанци, кои донесуваат одлуки и во нивно име. Ова прашање никогаш не може да биде решено, особено кога на него ве потсетуваат тие што со народни пари вршат државни функции.

Агрон Буџаку, според кабинетот на претседателот Иванов, не е вратен од Париз затоа што гласал против интересите на Македонија туку поради тоа што му завршил неколкупати продолжениот мандат како амбасадор во Париз и во УНЕСКО. Но дали е тоа доволно? Доколку се потврди дека Буџаку гласал спротивно на инструкциите добиени од македонското Министерство за надворешни работи, тој мора да биде казнет. Министерот Попоски мора да ја расчисти оваа дилема. Гласањето на Македонија воопшто немаше да го смени резултатот во корист на Косово и со наша воздржаност со која немаше да ги нарушиме односите со Белград, кои и покрај нашето признавање на Приштина, во последниве години дојдоа на високо ниво.

Со гласањето Буџаку, всушност, не му помогнал на Косово колку што предизвикал сериозни тензии на релација Скопје – Белград. Ексминистерот за транспорт и за врски во времето кога со помош на дискрециското право на министрите (кое беше укинато во 2006 година) во центарот на Скопје на земјиште вредно 25 евра никна една од најгрдите згради во Македонија, точно знаеше дека на Косово не му треба македонскиот глас колку што на Македонија не ѝ треба караница со Белград. Сепак, тој го направил тоа што не смеел и затоа сега мора да биде казнет, па дури тоа да предизвика и турбуленции на релација ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ, дури и ако ДУИ продолжи да се заканува дека ќе гради свои сеалбански институции како таканареченото Собрание на северозападна Македонија. Затоа што Буџаку не е единствениот што ги слуша своите гени и интереси на својата етничка група, а на штета на државните интереси. Сѐ уште се свежи раните од кумановските настани кога во македонските специјалци, иако засега не е потврдено официјално, било пукано од нивни колеги Албанци за време на операцијата против косовските платеници. Дел од полицајците сведочат за инциденти во кои, сметајќи дека Албанците во униформи на македонската полиција не се опасност за нив, дел од специјалците станале цел на своите колеги, кои повеќе сакале да ги спасат косовските платеници од тие со кои живеат во иста држава.

И на Буџаку и на тие што се ста­виле на страна на насилниците, не им се важни тешкото признавање на Косово, и покрај апсолутното противење на најголемиот дел од Македонците. За нив не е важно ниту тоа што без никаков проблем беше решен долгогодишниот проблем со обележувањето на границата во интерес на Косово и на Македонија. Оваа тема мора да биде приоритет за сите Албанци интелектуалци, кои во ниедна од чистите ситуации како „Бродец“, „Монструм“ и Куманово не ги осудија своите сонародници. Молкот кај албанските политичари, професори и невладини организации секогаш кога Албанците се несомнено виновни за загубени животи, без разлика од чија страна, е најголемиот проблем за нив самите. Се разбира, најголема грешка во ваква ситуација е да се генерализира и сите Албанци да се осудат дека работат против македонската држава, но затоа не е грешка сите да се охрабрат кога ги критикуваат постапките на Македонците да не ги премолчуваат грешките или погрешните постапки на „своите“. Затоа што на крајот самите тие ќе бидат виновни за тоа што убијците ги претвораат во херои, а криминалците во борци за човекови права.

Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 165. број на неделникот „Република“, 30.10.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top