| четврток, 6 декември 2018 |

Турција без покана, Македонија и Србија оставени на цедило

Ниту најновата трагедија во која во водите на Егејско Море животот го загубија една жена и две дечиња не ги натера европските лидери да излезат со конкретен план за надминување за најголемата бегалската криза на европскиот континент по Втората светска војна. Средбата за бегалската криза одржана во неделата во Брисел не донесе ништо конкретно, освен нови одредници за Македонија и за Србија како кандидати за членки на ЕУ. И, дефинитивно, паднаа во вода и сите наивни европски анализи според кои студената есен ќе го спречи бранот бегалци што од Сирија или од Турција одат кон Германија како центрана дестинација

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Единаесет земји од маршрутата што води од Егејско Море до Германија прифатија план од 17 точки, но притоа не донесоа ниту една суштинска одлука ниту најдоа решение за бегалскиот бран. Домаќинот на средбата, шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер, бара сите земји по маршрутата, дури и Македонија и Србија, да прифатат десетици илјади бегалци во ситуација, која членките на институцијата што ја води, одбиваат да примат повеќе од неколку стотини, а дел од нив условуваат да примат само бегалци христијани. Но, Јункер и германската канцеларка Меркел, која, практично, ја свика средбата, не кажаа каков е планот доколку се случи колапс на приемот на бегалците на крајната дестинација. Во планот нема решение за верижната реакција доколку под притисок на Баварија владата во Берлин реши да го „затвори вентилот“ и да не прима нови бегалци. Во ситуација кога ниту Австрија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Србија, Македонија и Грција не се расположени за подолг престој на бегалците на нивна територија поради економски или политички причини, ни Јункер ни Меркел не кажаа каде ќе се сместат десетиците илјади луѓе што на дневна база пристигнуваат на европска територија.

Дури и проекцијата според која 50 илјади луѓе ќе треба да се сместат во Грција, а уште толку во Македонија и во Србија е крајно несериозна ако се земе предвид дека за две недели во Европа би можеле да дојдат и 200 илјади бегалци или емигранти од Турција. Засега состојбата не е алармантна поради германскиот пристап и отвореноста на оваа земја да ги прими сите што имаат добра причина да избегаат од својот дом. Но реалноста вели дека Меркел не смее да дозволи натамошен пад на нејзиниот рејтинг и на рејтингот на нејзината партија и затоа ќе мора да преземе многу порадикални мерки за соочување со бегалската криза. Една од тие мерки, ако се прашува сестринската баварска партија ЦСУ, партнер на ЦДУ, е затворање на границата за сите што бараат азил. Доколку се случи тоа, тогаш во рок од неколку дена можеме да очекуваме драматична разврска во која десетици илјади луѓе на температура под нулата ќе спијат по улици, а земјите преку кои се движат ќе имаат сериозни караници со своите соседи. Практично, ЕУ и целиот континент се соочуваат со најголемиот срам затоа што речиси цела година откако почна бегалската криза се покажува неподготвеност да се излезе на крај со поголеми хуманитарни, политички и безбедносни предизвици секогаш кога во акцијата не се вклучени САД.

 

Сметка без крчмар 

И покрај тоа што ЕУ во неколку наврати досега се обиде да ја убеди Турција да преземе мерки со кои бегалците би ги запирала на своја територија и за тоа, наводно, понудила визни олеснувања и финансиска помош, организаторите на состанокот во Брисел не упатија покана за Турција, каде што во моментов се сместени повеќе од два милиона бегалци. Дури и грчкиот премиер Ципрас ги критикуваше своите евроколеги за ваквиот однос кон Анкара затоа што, според него, без Турција на заедничката маса нема решение за кризата. Колегата на Ципрас, словенечкиот премиер Церар, пред средбата изјави дека ако не се испорача конкретна акција, Европа ќе почне да се распаѓа. Акција имаше, но пророштвото на Церар сè уште може да се случи затоа што таа акција, особено без Турција, не може да донесе никакви резултати во најлошото сценарио. Едно од сценаријата од кое се плашат сите е изградба на ѕидови како унгарскиот во Хрватска и во Словенија, по што Србија и Македонија, како најслаби алки, ќе се соочат со десетици илјади бегалци на своја територија, кои ќе останат таму на подолг период. Клучот за ова сценарио е однесувањето на Грција, која не сака да ја спроведува процедурата на ЕУ за регистрација на бегалците. Атина се надева дека со „илегално префрлање“ на бегалците на македонската територија, доколку дојде до реадмисија на бегалците во земјата од каде што пристигнале, ќе може да тврди дека тие никогаш не стапнале на грчка територија. Овој наивен план на грчките власти лесно ќе падне во вода затоа што сите бегалци на македонска територија уредно се регистрираат, што, сепак, не е решение затоа што Македонија нема механизми со кои што ќе ја натера Грција да ги прими тие луѓе што од таму влегле во земјава.

kolumna165-2

Колкав е максималниот капацитет на Македонија?

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој ја претставуваше Македонија на состанокот пред своите колеги лидери во Брисел, рекол дека земјата во периоди на застој на бранот бегалци кон ЕУ има капацитет на пократок период да прими околу две илјади бегалци и емигранти од кои 1.500 на границата со Грција и 500 на границата со Србија кај Табановце. Стапицата во ваквата позицијата на Македонија е што капацитетот на Македонија воопшто нема да биде важно прашање доколку во операцијата со целата своја машинерија се вклучи Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации или скратено УНХЦР. Оваа агенција на светската организација со буџет од повеќе од една милијарда долари, која се грижи за десетици милиони бегалци низа целиот свет, за десетина дена може да постави инфраструктура со која може да смести повеќе десетици илјади бегалци доколку за тоа има потреба. УНХЦР, кој на македонската јавност ѝ е познат по своите активности во 1999 година, кога со негова помош беа прифатени повеќе од 360 илјади бегалци од Косово, може да понуди опрема и логистика за прифаќање на десетици илјади луѓе дневно, со што македонската позиција за максимален капацитет од 2.000 луѓе ќе падне во вода.

 

Кампови или прифатни центри, суштината е иста

Македонија засега инсистира дека на нејзина територија може да функционираат привремени прифатни центри за бегалци во кои бегалците ќе добиваат храна, вода и здравствена заштита. Сепак иако се избегнува терминот бегалски кампови за да се избегне асоцијацијата од 1999 година или со бегалските кампови во Турција каде што се сместени повеќе од два милиона Сиријци, суштината е иста, бегалците, иако не го сакаат тоа, доколку бидат запрени на патот кон Германија би можеле да останат подолго во Македонија. Засега нема јасно разработено сценарио според кое тие би можеле да бидат вратени во Грција и потаму кон Турција и назад во Сирија од каде што тргнале. Со оглед на тешките зимски услови, но и поради потпишаната Конвенција за правата на бегалците, Македонија има и човечка и цивилизациска обврска на овие луѓе да им обезбеди соодветна заштита дури и ако во тоа не добие масивна помош од УНХЦР.

(Текст објавен во 165. број на неделникот Република, 30.10.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top