| четврток, 6 декември 2018 |

Акција-„Притисни црвено копче за да пријавиш имотно правен проблем“

црвено

Стручни тимови на Управата за имотно правни работи денеска на средби со претставници на компании кои пријавиле проблеми од имотно правна природа укажуваат на можностите за нивно надминување и ги насочуваат за следните чекори зависно од проблематиката. Со средбите практично почна да се реализира акцијата на Управата и на Министерството за финансии „Притисни црвено копче за да пријавиш имотно правен проблем“.

Фирми и граѓани кои се соочуваат со проблеми во оваа област, а не се пријавиле на досегашните повици од надлежната институција, имаат можност да се вклучат во акцијата и да добијат помош за решавање на проблемите.

Правните лица што се обраќаат до Управата покрај решавање проблеми со приватизација на земјиште се обраќаат и за останати прашања поврзани со оваа постапка како што е легализација на објекти и катастарски разлики за парцели што, пак, добиваат насоки и совети да се обратат во катастарот.

За тековната акција граѓаните може да се информираат на линкот http://www.finance.gov.mk/mk/node/5351.

Директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстановски по средбите со претставници на компаниите истакна дека акцијата „Притисни црвено копче“ е уште во тек и оти до оваа институција може да се пријават сите физички и правни лица и покрај тоа што не се пријавиле на последниот повик за оваа намена што траеше од 1-ви до 10-ти минатиот месец.

Досега 205 компании, како што информира Крстановски, се пријавиле во Управата со барање за надминување имотно правен проблем. Целосно се завршени постапките за 88, за 46 се делумно завршени, а во постапка се уште 20 барања. Делумно завршените, појасни Крстановски, се ситуации кога нема детален урбанистички план што е причина да не може целосно да се заврши предметот, но во таква ситуација е приватизирано земјиштето под објектот бидејќи пости Генерален урбанистички план.

– Ова е можност за сите компании коишто имаат проблеми од имотно правен каратекр коишто долго време се обидувале да ги разрешат и не мора да значи дека се директно поврзани со прашање за приватизација на земјиште, туку може да се поврзани и со денационализација, легализација. Сите кои ќе се обратат ќе бидат повикани кај нас, ќе добијат соодветна стручна помош и ќе бидат упатени во соодветна постапка и понатаму во најкраток можен рок ќе си ги реализираат своите права и ќе го стекнат правото на земјиштето, рече Крстановски.

Според Крстановски, проблемите од имотно правен карактер за коишто сега се обраќаат граѓаните и фирмите се решавани долго време од повеќе причини.

– Пред се, се работи за големи површини земјиште што е предмет на приватизација од страна на компаниите. Станува збор и за правни лица коишто се правни следбеници на поранешни правни лица и тука веќе е потребно да се испита целата историја на движење, односно да се утврди легитимитетот на оној кој е барател во постапката. Во постапката за приватизација понекогаш се појавуваат и повеќе прашања коишто претходно треба да се расчистат пред да се пристапи на она што е главно, односно барањето за приватизација, појасни Крстановски.

Акцијата на Управата за имотно правни работи се реализира во соработка со стопанските комори од каде што оценуваат дека со ваквите активности се излегува во пресрет на барањата на стопанствениците

– Оваа иницијатива значеше решавање на голем број случаи во компаниите што се членки пред се на стопанските комори и Сојузот на стопански комори. Задоволството на компаниите беше евидентно бидејќи на дел од нив им беше потребен одреден чекор или насочување за да се финализира и да се реши одредена проблематика што се провлекувала одреден период во рамки на нивното работење, изјави Александар Заревски, оперативен директор на Сојузот на стопанските комори.

Освен оваа акција, Управата за имотно правни работи активно спроведуваше повеќе акции за поддршка на бизнис и граѓанскиот сектор меѓу кои и проектот „Посета на 40 компании“. Во 2012 и 2013 година Управата објавуваше јавни повици преку кои апелираше да се пријават проблеми од имотно правен карактер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top