– Италија е пријател и поддржувач не само на Македонија, туку на целиот наш регион, затоа што без Балканот, Европската унија не може да биде целосна – изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, посочувајќи дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и дека италијанскиот претседател одлично ги познава состојбите на Балканот
На средбата, како што јави известувачот на МИА, било разговарано и за статус-кво состојбата во однос на македонското членство во НАТО, како и за блокадите со кои се соочува Македонија.
– Во однос на НАТО беше искажана цврстата определба дека Италија ќе продолжи да ја поддржува Македонија, затоа што Македонија го заслужува членството, со сето она што го прави досега и што досега го има превземено – изјави македонскиот претседател.
Во тој контекст, италијанскиот претседател Матарела покрај силна поддршка во однос на европските и евроатлатските интеграции на Македонија, искажал и разбирање дека политичките кризи со кои се соочува Македонија се резултат на блокадите на патот на кон евроинтеграциите.
– Претседателот Матарела јасно го искажа неговиот став дека Италија стои зад Македонија и дека прави се со цел Македонија да го добие тоа што го заслужува. Без оглед на тоа што имаме постојано политички кризи, и самите се свесни дека сето она што и се случува на Македонија е резултат и на постојаните блокади кои ги имаме на тој пат – рече претседателот Иванов.
На средбата биле разменети мислења и информации и во однос на мигрантската криза и последниот план на претседателот на Европската комисија Јункер. Двајцата соговорници се согласиле дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот, односно одговорен пристап на земјите кон овој предизвик.
– Италија и самата долг период се соочува со бран на мигранти кои доаѓаат од Африка. Искажавме благодарност затоа што единствената помош која досега како земја во однос на бегалците и мигрантите сме ја добиле, е токму од Италија. Италијанската Влада упати 90.000 евра за Црвениот крст на Македонија, во поглед на хуманитарната помош што им ја даваме на бегалците и на мигрантите – изјави Иванов.
Македонскиот претседател истакна дека Италија е петти трговски партнер на Македонија, и дека минатата година е остварена преку 700 милиони долари трговска размена, посочувајќи на присуството на италијанските бизнисмени во Македонија.
Во разговорите, претседателот Иванов упатил и покана за посета на Република Македонија од страна на италијанскиот претседател.
Со средбата со претседателот Серџо Матарела, претседателот на Република Македонија ја заокружи посетата на Италијанската Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани



