| четврток, 6 декември 2018 |

Мирчевски: Во овој хаос нема плаќање за музика

Точно е дека на запад им се плаќа на изведувачите, но обично плаќањето е затоа што одредена ТВ-станица има потреба од одреден пејач да гостува во некое шоу. Но, обратно кога некој друг гостува, на свое барање, тогаш ТВ-станицата истакнува ценовник за гостување, за промовирање спот

„Канал 5“, „Алсат М“ и „Сител“ решија да не емитуваат македонска музика за да ги избегнат давачките кон Македонската музичка индустрија, која ги штити правата за создавачите на фонограми и на изведувачите. Телевизиите сметаат дека ММИ нема право да им наплаќа за пуштање македонска музика, но ММИ не се согласува. Бараат  да им бидат остварени правата не само на авторите на македонска музика, туку и на изведувачите. Зошто телевизиите решија да ја исклучат македонската музика?! На оваа тема разговаравме со директорот на телевизија „Канал5“, Иван С. Мирчевски.  

Што беше најголемото несогласување со ММИ?
Мирчевски: Главното несогласување на ММИ, при првиот контакт со нив, беше катастрофалната категоризација на нивниот тарифник. Едноставно, не разбирам како се дрзнуваат да бараат од ТВ-куќите надомест за фонограми, кога на секој нормален во оваа држава му е кристално јасно дека ТВ-станиците експлоатираат исклучително аудиовизуелни дела , односно, според „модерната“ терминологија – видеограми. Втор „камен на сопнување “ беше начинот на прибирање на средствата. Тие бараа5 1,5 процент од вкупниот приход на „Канал 5“. Замислете, нив не ги интересира дали некоја компанија, можеби, работи со загуба, не ги интересира дали можеби имаме расходи во смисла на опрема, плати и слично. Едноставно, од вкупниот приход, ние сакаме да ви „брцнеме “ во џебот и да им дадеме на пејачите. Тоа во некоја рака им го дозволивме на ЗАМП, но и  за нив ќе поднесеме претставка ако треба и до Европскиот суд на правда. Со овој нивни систем на собирање паушални средства, ММИ сака да ни стане партнер во „Канал 5“! Каде го има ова?! Замислете, во вашето семејство, на крај на секој месец да ви дојде еден господин и да ви побара 1,5 процент од вашата плата за да им даде „отштета“ на пејачите. Што би направиле вие? Ќе му ја покажете портата, нормално. А, особено сега, кога видовме кој сè е основач на ММИ… Комичари, компјутерџии, земјоделци… па зар тие ќе ја претставуваат музичката фела на Македонија?

Колку телевизијата треба да плати за пуштање домашна музика?
Мирчевски: А, зошто мислите дека треба да платиме? Им плаќаме на авторите, односно на ЗАМП, а сега и на пејачите? Па, нè прашал ни нас некој дали сакаме да ги емитуваме и со која динамика? Дали имаме потреба или облигација од домашна музика? Знаете ли дека повеќе од 80 проценти од нашата естрада нè моли секојдневно да гостува по наши емисии, да им промовираме спотови, албуми… и на крај уште да им платиме затоа што ги правиме ѕвезди? Ако господата од ММИ сакаат да се повикуваат на светски стандарди, во ред. Точно е дека на запад им се плаќа на изведувачите, но, обично, плаќањето е затоа што одредена ТВ-станица има потреба од одреден пејач да гостува во некое шоу. Но, обратно, кога некој друг гостува, на свое барање, тогаш ТВ-станицата истакнува ценовник за гостување, за промовирање спот… Едноставно речено, комерцијално работење. Пејачите треба прво да се обединат и да направат пазар, да притиснат да се намали пиратството, да се организира симболично продавање на нивните песни и албуми преку интернет или телефонски сервиси, па потоа да зборуваме за таков вид соработка. Вака ние ги емитуваме, тие си заработуваат од спонзорите на нивните спотови, настапуваат на т.н. тезги и на крај ние уште да им платиме. Нема да може, бар не во овој, сегашен, хаотичен систем.

ivan mircevski520Дали сметате дека треба да има Здружение како ММИ, но регулирано на поинаков начин?
Мирчевски: Сигурно, треба, како што постои во многу земји, да има едно тело со неколку потсекции што ги регулираат авторските и сродни права, каде што се знае што е фонограм, а што видеограм. Па, да се инсталира софтвер, кој ќе бележи колку и која музика сме ја емитувале,  да се договори цена за емитување.  И никој нема да има проблем. Сите ќе бидеме среќни и задоволни. А, не вака, ЗАМП со години не дава информација каде и како ги распоредува парите што „Канал 5“ им ги дава. Кога добивате сметка за електрична енергија внатре е точно забележано за што и по која цена плаќате.

Дали доколку Уставниот суд и Министерството култура донесат одлука дека ММИ останува како што е и сега, вие ќе останете на вашиот став да не пуштате македонска музика?
Мирчевски: Да нема дилеми, јас најмалку сакам да апстинираме од емитување домашна музика. Тоа е мојот фах, и сакам да ја видам Македонија на европската музичка карта. Но, сигурно, доколку овие ликови останат во ММИ и со својот неразумен став, нема да останеме само на мораториум. Ќе бараме и меѓународна арбитража од Европскиот суд на правда.

Кога решивте да не се пушта македонска музика на телевизија, наидовте на остри критики од ММИ.
Мирчевски: Ќе се  осврнам на една од реакциите на ММИ, по повод нашите прилози во вестите на „Канал 5“ – нè нарекоа нецивилизирани, доколку прогласиме мораториум на домашна музика. Заре цивилизирано да им се наплаќа на семкарници, бурекчилници, крематориуми, таксисти и кои сè не други категории, во име на пејачи и на продуценти на фонограм, а при тоа да не се прашани дали воопшто сакаат да бидат во твое друштво? Цивилизирани ли се господата од ММИ од сите собрани средства да си одвојат фантастични 30 проценти за „свои потреби“? Небаре работат во НАСА!

 Разговараше: Билјана Зафирова

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top