Селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван по отсуството на неколку стандардни првотимци, се реши шанса на турнирот во Умаг каде Македонија ќе одигра две пријателски средби со Хрватска и Црна Гора, да им даде на неколку млади ракометари кои ќе се обидат шансата да ја искористат и да се наметнат за Европското првенство во Полска во јануари 2016 година.
Филип Кузмановски и Стефан Дрогришки се првпат на еден собир, додека Дарко Димитриевски, кој досега бил на поширокиот список ќе има шанса да го одигра првиот меч за сениорската репрезентација. Ако на ова се додадат и младите Филип Талески, Никола Костески и Жарко Пешевски, како и повратникот Милорад Кукоски, јасен е впечатокот дека Македонија оди со комбинирана репрезентација.
– Секогаш проблемите се присутни кога се собира репрезентацијата. Некои од стандардните првотимци се повредени, некои имаа тешки натпревари во серија од почетокот на сезоната. Одиме на турнир со силни репрезентации, што сигурно ќе биде искористено за да ја утврдиме формата на останатите играчи. За оние кои имаат големи минутажи во своите клубови ќе покажеме разбирање и нема премногу да ги форсираме, а акцент ќе биде ставен на оние помладите. Секој од нив ќе добие шанса во Умаг, да покаже што знае и умее и во нападот и во одбраната и да се наметне за место во националниот тим и во иднина – изјави Обрван.
Првиот собир на репрезентативците единствено го прескокнаа Гоце Георгиевски и Борко Ристовски кои е се приклучат подоцна, а сите останати вклучувајќи го и капитенот Кире Лазаров ќе тренираат четири дена во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ од каде во четврток ќе се отпатува за Умаг. Голем проблем за селекторот е пикерската позиција бидејќи од пораном се знае дека Столе Стоилов е отустен, а синоќа се повреди и Никола Марковски. На 6 ноември играме со Хрватска, следниот ден против Црна Гора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


