| четврток, 6 декември 2018 |

Во Рим ќе биде поставена плоча во чест на Свети Кирил и Методиј

Поставувањето на плочата е иницијатива на претседателот Иванов, која по неколкугодишни напори е прифатена од ватиканските власти.

Во 2013 година претседателот Иванов упатил писмо до папата Бенедикт со кое го замолил за помош и за поддршка во годината кога се одбележува јубилејот – 1150 години од почетокот на словенската мисија на светите Кирил и Методиј, од име на целиот македонски народ, да се оддаде почит, признание и благодарност на словенските просветители преку свечено поставување на спомен-плочата во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Претседателот Иванов уште во 2011 година, за време на церемонијата за беатификација на Јован Павле Втори, кога ја посетил оваа базилика забележал две спомен-плочи на благодарност кон делото на светите браќа од словачкиот и од бугарскиот народ, па оттаму и идејата и македонскиот народ на тој начин да ја изрази својата благодарност и веднаш се заложил за добивање соодветно одобрение од ватиканските власти.

На оваа тема е разговарано и при првата кратка средба со папата Франциск во март 2013 година, како и на средбата во мај 2014 година. Побарана е поддршка и од новиот државен секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

– По неколкугодишен заеднички напор, мој и на папата, се овозможи да искажеме благодарност од македонскиот народ за чинот што е случен во Рим, во црквата „Санта Марија Маџоре“. Како што е познато, во тој храм првпат се осветени светите книги кои се преведени на старословенски јазик и на тој чин папата ги осветува книгите што ги донеле Кирил и Методиј. Кога видов дека другите народи искажале благодарност, пред неколку години јазапочнав иницијативата да ни се овозможи нам, како македонски народ, да поставиме спомен-плоча во која ќе искажеме благодарност за тој чин- истакна Иванов по аудиенцијата кај папата Франциск.

Во име на македонскиот народ и во знак на благодарност за високата меѓусебна почит и за континуираното пријателство, од претседателот Иванов на државата Ватикан се подарени два подароци, сребрен филигрански крст со македонски рубини и бронзен релјеф со библиска тема, дело на авторот Константин Јанев. Релјефот е изложен во централниот дел на ватиканските простории.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top