Спасен е животот на 11-годишно девојче, кое шест месеци живеело со проголтнат бисер во белите дробови. На Клиниката за уво, нос и грло, денеска тимот предводен од прим. д-р Горан Мицевски од белите дробови на девојчето извадиле бисер.
Девојчето на Клиниката за уво, нос и грло било префрлено од Детската клиника со (ателектаза) – нефункционалност на половина белодробно крило, објави „Здравство 24“.
Лекарите причината за оваа состојба ја барале цели шест месеци. Ни родителите, а ни девојчето не давале податок за евентуален контакт со туѓо тело. Педијатрите се посомневале на тоа и затоа побарале бронхоскопија. При интервенцијата оториноларинголози извадиле бисер, кој децата го ставаат на заби како украс.
По ова девојчето се сетило дека додека трчало пред шест месеци одеднаш почуствувало силно гребење во грлото и му се јавила силна кашлица, но потоа заборавило на тоа.
Проблемите почнале да настануваат по неколку дена, кога не можело да истрча ниту пет чекори, а состојбата од ден на ден се влошувала. Сега е во релативно добра општа состојба и е на Клиниката за понатамошно лекување од настанатите компликации.
Машко дете, кое си играло со привезок за синџирче (крстче) од невнимание го проголтало и тоа застанало во хранопроводот. Со силни болки во градите било внесено во сала за операции и крстот со помош на инструменти се симнал во желудникот, а по неколку дена и го исфрлило од телото.
Сите овие интервенции што ги изведуваат на Клиниката за уво, нос и грло се под водство на директорот проф. д-р Никола Николивски, анестезиолозите прим. д-р Аница Алексовска, д-р Ангелина Трајковска Јовчевска, д-р Јован Меловски, и најзаслужниот прим. д-р Горан Мицевски, кои по којзнае кој пат ја враќаат насмевката на детските животи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.