Британскиот премиер Дејвид Камерон предупреди дека надвор од ЕУ, Велика Британија нема биде земја во која „ќе тече мед и млеко“. Според него, излегувањето од Унијата може да ја чини земјата „стотици милиони фунти“ и многу е веројатно дека нема да ја запре имиграцијата. Ова е прв пат досега, британскиот премиер отворено да предупреди на последиците од излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Ваквата порака е директно упатено кон евроскептиците и кон оние кои заговараат напуштање на Унијата во која земјата членува 42 години, кои ги има главно во неговата Конзервативна партија и во Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП), но во многу помал број се наоѓаат и меѓу лабуристите.
Изјавата на Камерон доаѓа по заложбите на евроскептиците-конзервативци, Велика Британија да го следи „скандинавскиот модел“ и пособно примерот на Норвешка, која не е членка на ЕУ, но е цврсто поврзана со неа преку Европската економска област, па преку неа е вклучена во единствениот економски пазар.
Норвешка, како и Исланд, не се полноправни членки на Унијата, но тие имаат право на слободна трговија со ЕУ, како и на правата и обврските од Шенгенската спогодба, што значи дека го прифакаат слободното движење на луѓето и на работната сила и имигрантите од Унијата, што е едно од клучните аргументи на евроскептиците во Велика Британија за барањето да се напушти Унијата.
Податоците покажуваат дека Норвешка има два пати повеќе имигранти од Велика Британија, споредувано по глава на жител.
Неименуван извор од Даунинг стрит 10 за лондонските медиуми објаснил дека пораката на Камерон претставува негов одговор на најновата идеја на евроскпетиците за „норвешки стил“ за иднината на Велика Британија во Европа и знак дека ги засилува заложбите за останување на земјата во ЕУ.
Истиот извор објаснил дека Камерон останува на својата определба за реформирање на Унијата и за преуредување на односите меѓу Лондон и Брисел, како и дека самиот би можел да сугерира излез од ЕУ, доколку пропадне повторното преговарање на статусот на Велика Британија, што го бара Владата на британските конзервативци.
„Норвешкиот модел“, според објаснувањето на политичките екпсерти е сосема некорисен за Велика Британија, затоа што Владата во Осло ја применува политиката на отворени граници, но за разлика од Лондон и другите членки на ЕУ, таа нема право да гласа и да одлучува за имигрантската политика. Освен тоа, Норвешка мора да плати стотици милиони евра за да има слободен пристап на заедничкиот европски пазар.
Поборниците за излез од ЕУ, соопштија дека тие не го подржуваат моделот на Норвешка, туку дека сакаат Велика Британија веднаш да замине од Унијата, а дури потоа да преговара за новите британско-европски односи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.