Еврокомесарот Јоханес Хан од Скопје си замина несреќен. Лидерските политички тимови од Македонија го разочарале што не се договорија во тие дванаесетина часа. Но, таа негова разочараност не се должи на неуспехот на средбата на 19 октомври. Напротив, се должи на неговата радост од 15 јули.
Хан како да заборавил дека уште тогаш на маса беше присутна нестабилноста кај некои присутни личности на кои и повеќе од вербално морал да им укажува дека со такво однесување „местото не им е во политиката“. Навистина е нејасно на што Хан овој пат ја базирал својата убеденост дека така „подмачкано“ ќе врват работите во Скопје? Можеби затоа што во својата политичка историја немал искуство со соговорник кого веднаш по разговорот морал да го демантира, па се понадевал на некаква научена лекција. Но, тоа е работа на Хан, кој, веројатно во иднина двапати ќе размисли дали повторно ќе си дозволи залудно да патува, уште и да му се брои како негов неуспех.
Тоа што е пред македонските лидери е исполнување на потпишаниот договор, со што особена тежина има опозицијата и нивниот лидер Зоран Заев. Оттаму стигаат и најмногу „пишман“ изјави и соопштенија поврзани со договореното и потпишаното.
Законот за „бомбите“, односно за нивното објавување во медиумите, всушност, сега е преголем залак за СДСМ. Сижето од договорот беше дека опозиционерите ќе се вратат во Парламентот, а специјално обвинителство ќе работи за расчистување на сѐ во врска со нелегалните материјали, со кои ќе се застане со објавување, додека со нов изборен законик и функции во неколку министерства ќе се подготвуваат изборите. Најголем пример за тоа беше негирањето, па признавањето дека е договорен таканаречен Закон за бомбите. Сега СДСМ гледа, да извади „маст“ од тој договор.
Без намера тука да се навлегува во темата за функционирањето на специјалната обвинителка, што и досега заземало премногу простор, политичкиот притисок што го прави СДСМ врз независноста на Советот на јавните обвинители е надвор од секаков договор. Истото пак го применува и врз договорот за аудиоматеријалите. Под плаштот на заштита на слободата на изразување, се злоупотребуваат медиумите, што пак за потсетување, не беше случај при решението за спречување на објавувањата на досиејата во законите за лустрација.
СДСМ се противеше и на правото на Комисијата да ги објавува досиејата на полициските соработници и жртви, па не им пречеа казнените одредби. Или, како што неодамна потсети „Дневник“, образложението на СДСМ тогаш беше дека со објавувањето на имињата на соработниците и на документите од досиејата, ќе се дојде до јавно шиканирање на одредени лица, дека ќе се наруши нивната приватност и дека документите ќе се искористат за објавување пикантерии или за фаќање сеир. „А потоа сѐ ќе прерасне во едно медиумско-лустрациско реално шоу“ – се зборовите на Ана Павлова – Данева од СДСМ.
Тоа што, исто така, го разочара Хан при посетата било што не се нашло средина за улогата на новите „технички министри“, заради кои се менува и Законот за Влада, каде што таква функција – нема. Уште помалку, пак, во договорот има „Кадровски рекомпонирања“ во Министерството за внатрешни работи, каде што СДСМ требаше досега да седне заеднички избран технички министер, по предлог на СДСМ, а со виза од ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ и од ДПА. СДСМ, како што и посочи „Република“ во септември, барал нивниот министер за внатрешни работи да може кога сака да менува началници поставени од претходниот министер и на нивно место да именува свои луѓе.
„Република“ во бројот 158, од почетокот на септември, посочи дека СДСМ преку „техничкиот“ ќе сака реформи во МВР и во УБК, наводно, за да доведат до откривање на злоупотребите на можностите за прислушување. Но, еден од оние што ја признаа вината во случајот „Пуч“ бил вработен во УБК, а бил врбуван од Зоран Верушевски, поранешен директор на Управата. Сите смени кои сега ги бара СДСМ ги образложува со потребата „сета архива и сите податоци на УБК и на телекомуникациските оператори да дојдат во рацете на специјалниот обвинител“. Но, праша „Република“ и тогаш: „Може ли да се верува дека намерата на СДСМ, чиј лидер е четвртиот осомничен во случајот ‘Пуч’, кој не ги почитува судските покани чекајќи на случајот да работи специјалниот обвинител, дека би ја оставил можноста да ‘влијае’ врз сета таа архива без да се обиде да ги спаси првенствено Заев и Верушевски?“

Уште пред да објави Хан на „Твитер“ дека доаѓа во Скопје на средби, премиерот Никола Груевски во телевизиски дневник посочи дека од опозицијата немал никаков предлог за име или за листа од прифатливи имиња за нив на експерти за кои би можеле другите потписнички на договорот да размислуваат како идно решение. Решение кое до заминувањето на Хан требаше да биде во собраниска процедура.
Но, Хан не знае дека на Заев и на неговиот тим не им е ниту до држење до договорот ниту до европскиот извештај што еврокомесарот го нагласува – особено што тоа му дава дополнителен „ветер во едрата“- туку му е до исполнување на неговата главна цел, да ги спаси оние на кои им должи, кои му ги дадоа и монтираа прислушуваните разговори, нив да ги изземе од одговорност преку својата инсталација кај тимот на Катица Јанева, да може да манипулира и да ги спаси и оние кои потоа ќе му бидат должници. Да внесе своја хиерархија во полицијата преку „техничкиот министер“ и да може да ја држи цела држава како свој заложник. Од медиумски работници, до сите во јавниот сектор. Не смее да се заборави дека не беше случајно тоа што една новинарка од декларираните поддржувачи на СДСМ, а „неверник“ кога Заев е во прашање, јавно посочи дека Заев и во иднина ќе може да манипулира со ликови и со ситуации со материјалите.
Доколку на Заев и на СДСМ му се овозможи таков приод, да има ингеренции да поставува и да менува функционери во полицијата, но и во УБК, тогаш нема да има никаква забелешка врз евентуално законско решение за „свиркачите“.
Ако не успее во таа намера, резервната варијанта на Заев и на СДСМ им е да ги одложат изборите, односно да пропаднат преговорите. Со тоа СДСМ ќе се спаси од пораз во април, но пак, тоа земјата ќе ја втурне во уште поголема криза. Со изгубена препорака и со меѓународни тутори над глава, економијата ќе си ја плати цената. Народот ќе плати превисока цена за злоупотребите на позицијата на лидерството на СДСМ. Токму затоа и натаму се преговара.
Хан си замина, но ние, граѓаните во Македонија, остануваме. Свесни дека, сѐ на сѐ, никој веќе не се ни лаже дека во следните шест месеци државата ќе сведочи за уште една црна кампања на СДСМ која досега не ѝ донела успех. Барем последните десетина пати. Добро, и понекоја украдена идеја од ВМРО – ДПМНЕ наместо своја програма, но со пренагласени бројки за кои дури ни членството не би им поверувало.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 164. број на неделникот „Република“, 23.10.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


